Љубљана – Словенечкиот претседател Борут Пахор вчера го именува Јанез Јанша, претседателот на најголемата парламентарна партија во таа земја за кандидат за нов премиер и побара од парламентот да го потврди тоа. Се очекува парламентот идната недела да го изгласа Јанша, кој е прв човек на центродесничарската Словенечка демократска партија. Тој ќе го замени левичарскиот премиер Марјан Шарец, кој даде оставка минатиот месец. Кога ја поднесе оставката, тој соопшти дека го прави тоа за да отвори пат за предвремените парламентарни избори. („Б92)

Бања Лука – Народното собрание на Република Српска ја поддржа изјавата на српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, за прогласување на одлуката на Претседателството за посета на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ како штетна за виталните интереси на РС. Прифатена е и одлука за потврдување на изјавата на Додик дека одлуката за прифаќање на договорот за статусот меѓу БиХ и ЕУ за активностите што ги спроведува Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) на територијата на БиХ усвоена без консензус е многу штетна по виталните интереси на РС. („Аваз“)

Приштина – Високи американски официјални лица му пренесоа на косовскиот претседател Хашим Тачи, кој е во посета на Соединетите Американски Држави, дека Вашингтон останува посветен на суверенитетот и независноста на балканската држава, но исто така очекува Приштина да ги тргне царините од сто отсто за увоз на српски производи. Портпаролот на Стејт департментот, Морган Ортагус, рече дека американскиот државен секретар Мајк Помпео го искажал и силното партнерство меѓу САД и Косово. (РСЕ)


Бисер балкански

Прегратка посилна од камења!

– Мојата гостинка Фенис ми вели дека јас сум единствената личност што ја прегрнала, освен нејзиниот маж, во последниот месец. Првпат се почувствувала како добредојден гостин, а не како заболено лице и бегалец. Таа ми рече дека пред катедралата „Св. Вид“ децата ги гаѓале со нешто тврдо и викале по нив „корона, корона“. Децата фрлале камења, а јас ги дочекав со прегратка. Јас стекнав уште еден пријател, а вие прашајте се од што се плашите… Од смртта? Затоа што она човечкото одамна умре во повеќето од нас – рече Маја Шкуфца, хотелиерка од Риека, која во статус на социјалните мрежи објаснува за непријатната случка што ја доживеал еден кинески пар, додека престојувал во градот, а биле нападнат од група деца.