Вонредниот повереник за „Агрокор“, Фабрис Перушко, не смее да ги ангажира новата група странски и домашни советници што би му се ставиле на услуга на советот на доверители на сметка на концернот, одлучи загрепскиот Трговски суд, со што ја укина одлуката на привремениот совет.
Со оваа одлука повереникот се овластува со новоизбраните советници да ги договори финансиските и другите услови за нивниот ангажман и да склучи соодветни договори. Во врска со ова прашање, до судот биле доставени поднесоци од двајца доверители, со забелешка дека плаќањето на новите советници би ја намалило стечајната маса, која е недоволна за намирување на побарувањата од доверителите.

Доверителите на „Агрокор“, кој западна во најголемата финансиска криза и се закани да ги повлече и другите компании во Хрватска, очекуваа дополнителен заплет на правен терен. Веќе се поднесени повеќе поднесоци и жалби што ја добија првата судска потврда. Ова го доведува во прашање спроведувањето на Лекс Агрокор, чиј продолжен рок истекува за седумдесет дена.
Судијата во Трговскиот суд, Мислав Колакушиќ, за телевизија Х1, изјави дека е добро да се види дека трговските судови стануваат судови, а престануваат да бидат јавни бележници.

– Имаме три вида советници во овој процес. Имаме четири тела во процесот на воведување вонредната управа во „Агрокор“, а тоа се вонредниот повереник, совет на доверители, советодавно тело во Министерството и судовите. Законот не познава состојба кога советот на доверители именува нивни советници. Во Законот за стечај категорично е пропишано сите трошоци за ангажирање советници од страна на советот на доверители да ги преземат самите доверители. Значи, ако сакаат да имаат свои советници, мораат на сопствен трошок да ги ангажираат и тоа е содржано во одлуката на Трговскиот суд – вели Колакушиќ.

Тој напоменува дека оваа постапка за „Агрокор“ треба да биде достапна за сите, а законската регулатива не е доволно јасна во врска со транспарентноста. Во случај да не се постигне спогодба меѓу доверителите и не се продолжи законот за вонредна управа, ќе се применат прописите на Република Хрватска. Тоа ќе значи некои фирми да одат во стечај. Доколку правилно се книжат гаранциите, голем дел компании не се солвентни, а тоа значи дека не би можеле нормално да функционираат.