Kосово

Безбедносните сили на Косово (ФСК) вчера одржаа свеченост по повод заминувањето на нивниот контингент во првата мировна мисија во странство, конкретно во Кувајт, каде што ќе служат покрај националната гарда на американската сојузна држава Ајова.
Вршителката на должноста претседател на Косово, Вјоса Османи, им се заблагодари на Соединетите Американски Држави затоа што го овозможија ова високо достигнување на косовската војска и го оцени денешниот ден како историски за земјата.
– Овој контингент е мал по бројност, но голем по значењето и пораката што ја пренесува. Овие момчиња ја испишуваат новата историја на Косово. Како политичари, понекогаш можеме и да не се согласуваме меѓу себе и да се расправаме остро. Тоа е дел од нашата демократија, но кога се во прашање нашите девојки и момчиња во униформи, кога е во прашање нашата војска, како политичари и граѓани ние сме сите обединети. Ние сите се гордееме со вас – рече Османи.