Европската Унија го предупреди Косово да не ја отвора својата амбасада во Израел во Ерусалим, пренесува новинската агенција „Шехаб“ цитирајќи ги израелските медиуми.
„Тајмс оф Израел“ објави дека ЕУ го замолила Косово да не отвора амбасада во Ерусалим и да застане на ставот на ЕУ и Резолуцијата 478 на Советот за безбедност на ОН, според која, странските амбасади во Израел треба да бидат сместени во Тел Авив.
– Позицијата на ЕУ за преместување на амбасадите во Ерусалим е јасна. Сите амбасади на земјите-членки на ЕУ, како и Делегацијата на ЕУ во Израел, се наоѓаат во Тел Авив. ЕУ долго време тврди дека статусот на Ерусалим треба да се реши преку директни преговори меѓу Израел и Палестина – изјави Питер Стано, портпаролот на ЕУ.
Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека Србија има право да му се лути на Израел поради воспоставување дипломатски односи со Косово. Дачиќ ги повика муслиманските земји да го повлечат признавањето на Косово.
Во понеделникот, Косово и Израел одржаа виртуелен состанок за воспоставување дипломатски врски. Лидерите на Србија и на Косово, кои се сретнаа во Белата куќа во септември 2020 година, потпишаа договор за нормализација на односите во областа на економијата. Со овој договор беше одлучено Косово да започне дипломатски односи со Израел, а Србија да ја премести во Ерусалим својата амбасада во Израел.