Грчката противпожарна служба се обидува да го стави под контрола пожарот што избувна попладнево по 13 часот по локално време во фабриката за батерии „Санлајт“ во близина на градот Ксанти, во североисточниот дел на Грција.

Според локалните медиуми, пожарот го уништил централниот објект, а горат главно запаливи материјали, течности за батерии и пластика и постои опасност од експлозии, па затоа не е исклучена можноста, превентивно, да се евакуираат околните населби во близина на фабриката.

Едно лице, вработено во фабриката, било пренесено в болница поради проблеми со дишењето, но е во стабилна состојба.

Од грчката противпожарна служба соопштуваат дека во гаснењето на пожарот што е во тек, учествуваат 39 пожарникари со 11 возила.

Според дел од грчките медиуми, причината за пожарот е засега непозната, а фабриката за батерии е една од најголемите од таков тип во Европа.