Освен укинувањето на роамингот како добар пример за Западен Балкан, во тек се подготовки да се овозможи бесплатен роаминг и со ЕУ. Регионалната соработка во Југоисточна Европа (ЈИЕ) е составен и суштински елемент на нејзиниот општествено-економски напредок, порача генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС), Мајлинда Брегу, во обраќањето на меѓународната конференција „Дубровник форум 2021 година“.
– Како резултат на соработката втемелена на добра волја, укинати се цените за роаминг на целиот Западен Балкан, што веднаш го олесни животот на оние што патуваат и водат бизнис во регионот – изјави Брегу.
Брегу потсети и на првата Стратегија за развој на Југоисточна Европа 2030, која минатиот месец ја усвоија земјите-членки на Процесот за соработка во ЈИЕ, која ги опфаќа и Западен Балкан, Турција, Молдавија и членки на ЕУ.
Поради пандемијата на ковид-19, Југоисточна Европа претрпела пад на БДП од 5,7 отсто. Просечната невработеност во овој регион изнесува 11 отсто, додека на ниво на ЕУ е 7 отсто, а невработеноста на младите во просек е 22,3 отсто.