Фото: Маја Јаневска-Илиева

Медиумите од регионот објавуваат информации за неповолна ковид-статистика за бројот на пациенти и починати лица како последица од коронавирусот

Земјите од Балканот деновиве повторно бележат високи дневни рекорди според бројот на новозаболени лица од ковид-19. Епидемиолозите се загрижени поради тоа што нивниот број на дневна основа е сличен на оние денови во перидот на третиот бран на коронавирусот. Во Македонија во последните два дена има околу илјада новорегистрирани лица со симптоми на ковид-19. По пауза од една недела, во Грција повторно се регистрирани над 4.000 нови случаи на ковид-19, односно 4.206, а зголемен е бројот и на пациенти приклучени на апарати. Над 4.000 новозаразени имаше и минатиот вторник. Од почетокот на пандемијата во Грција, само трипати претходно беа регистрирани над 4.000 новозаразени, и тоа за време на вториот бран и додека земјата беше во целосен карантин.
Медиумите од регионот објавуваат за неповолна ковид-статистика за бројот на пациенти и починати лица како последица од коронавирусот. Во Црна Гора се регистрирани 548 нови позитивни случаи, а починале пет лица. Во Хрватска во последните 24 часа се заразени 341 лице, а починале три лица. Бројот на активните случаи во Хрватска е 1.803 лица, меѓу нив 220 се на болничко лекување, а на респиратори се 26. Во самоизолација има 5.753 граѓани, пренесува „Хина“. Вкупниот број починати лица од почетокот на епидемијата во Хрватска изнесува 8.288.

Здравствените власти на Босна и Херцеговина за последните 24 часа соопштија за 276 новозаразени и за пет смртни случаи. На подрачјето на Федерацијата БиХ се пријавени два смртни случаи од последици на ковид-19. Во Република Српска има тројца починати.
Србија повторно бележи висок дневен раст од 1.484 нови случаи на 13.695 тестирани примероци. На апарати за дишење се 26 пациенти. Починале три лица, пренесува „Танјуг“. Во Македонија, според извештајот на дописничката на „Ал џезира“, во текот на завчерашниот ден се забележани нови 999 случаи, а починале 14 лица. Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека и вчера има околу 1.000 новодијагностицирани случаи со ковид-19. Во Словенија се потврдени 318 нови случаи, што е најмногу од почетокот на јуни, а во оваа земја расте и бројот на хоспитализирани лица. Словенија моментално се наоѓа во т.н портокалова фаза на епидемијата, но очекувањата на епидемиолозите се таа следниот месец да биде во „црвена“ фаза. Во Косово од тестирани 9.581 примерок, а позитивни се 1.765 лица. Во земјата се регистрирани пет смртни случаи од ковид-19.

Здравствените власти во земјите од Балканот постојано упатуваат апели до граѓаните да се вакцинираат во поголем број, заради подобра лична заштита од коронавирусот. Според познати светски здравствени публикации, досега во светот се вакцинирани околу 30,7 отсто од светската популација, а 16 отсто имаат примено две дози од вакцината против ковид-19. Според последните податоци од 10 август, најмногу вакцинирани има во Шпанија и Канада, со околу 72 отсто од населението. На трето место е Велика Британија, со 69 отсто, Израел, кој водеше со бројот на вакцинирани, е на четвртото место, со 62 отсто. На дното на листата на вакцинирано население се Нигерија (1,2 отсто), Судан со 1,4 отсто и Кенија со 1,2 отсто вакцинирани.
Во регионот, Словенија ја надмина Србија според бројот на вакцинирани. Според последните податоци, во Словенија има 45 отсто вакцинирани, во Србија има 40 отсто. Во Хрватска две дози вакцина примиле 37 отсто, додека 3,4 отсто имаат само една доза. Во Црна Гора се вакцинирани 24 отсто, во Македонија со две дози се вакцинирани 21 отсто. Косово повеќе не е на последното место на Балканот и има 8,8 отсто целосно вакцинирани граѓани, додека Босна и Херцеговина е последна во регионот, каде што со две дози се вакцинирани 8,5 отсто.