Грчкиот премиер Алексис Ципрас, во колумна за грчкото издание на „Еконoмист – светот во 2019“, пишува за предизвиците и плановите на Грција за оваа година и за „прогресивната влада, кој успеа да ја извади земјата од меморандумите, да обезбеди финансиска стабилност, да ги исправи неправдите за многумина, да се справи со бегалската криза со хуманизам и солидарност“, но и да затвори долгогодишен спор, јави дописничката на МИА од Атина.
– Неодамна беше ставен крај на речиси 30-годишниот спор со нашите северни соседи, кој долго време ги хранеше национализмот и радикалната десница од двете страни на границата. На овој начин, Грција ја враќа водечката позиција на Балканот, не во смисла на наметнување, туку како сила што е протагонист во соработката и заедничкиот развој на земјите од регионот, наспроти сите оние што за свои лични интереси сакаат Балканот засекогаш да остане буре барут во Европа – пишува Ципрас.
За 2019-та, грчкиот премиер вели дека Грција влегува во нова ера, бидејќи „првпат по една деценија, финансиските потреби на земјата се обезбедени за следниот период, а е регистриран и рекорд на странски инвестиции“.
– Убеден сум дека 2019-та ќе биде историска година, не само затоа што го симболизира крајот на кризата туку затоа што ќе значи почеток за нова Грција, Грција на нејзините луѓе, Грција на многумина – пишува грчкиот премиер.
Тој додава дека сето ова ќе го почувствуваат и граѓаните, преку владините мерки, како што се враќање на колективните договори и покачување на платите.