Претставници на грчката владејачка партија СИРИЗА, меѓу кои и министри и пратеници, беа вербално нападнати пред Политехничкиот факултет во Атина и спречени да положат цвеќе во рамките на тридневните манифестации за 45-годишнината од студентскиот бунт против хунтата, јави дописничката на МИА од Атина.
Според видеото објавено од грчката телевизија Скај, група млади лица вчераутро предизвикаа мал инцидент во моментите кога претставниците на СИРИЗА сакаа да положат венец во Политехничкиот факултет. Се обидоа да им го одземат венецот и им го попречија влезот.
За тензиите пред Политехничкиот факултет, претставниците на СИРИЗА во изјава за грчката телевизија Скај рекоа дека ваквите постапки не ги почитуваат генерациите што го организираа студентскиот бунт, дека станува збор за скриен фашизам, но и за радикално малцинство.
Сѐ уште не е познато дали групата што ги спречи претставниците на СИРИЗА е група што ѝ припаѓа на некоја политичка партија, дали се припадници на вонпарламентарната левица или можеби се студенти.
Во Грција се одбележува 45-годишнината од студентскиот бунт против хунтата, а зградата на Политехничкиот факултет е симбол на бунтот, бидејќи во 1973 оттаму започна борбата против воената хунта.