Софија – „Тоталитарните режими уништија милиони човечки судбини. За насилството и суровоста, со која се поткопаа основните слободи, нема место во денешниот свет!“, напиша премиерот Бојко Борисов на својот профил на Фејсбук по повод денот кога Европа им оддава почит на жртвите на националсоцијалистичкиот, комунистичкиот и другите тоталитарни режими. Тој додаде дека „нема место за реваншизам и поделби, а кренатите тупаници и намерниот притисок врз граѓаните не се симбол на демократијата“. („Труд“)

Атина – Врз основа на епидемиолошките податоци, во регионалните единици Кардица, Пела и Пиериа се воведени рестриктивни мерки за да се спречи дополнително ширење на коронавирусот. Се воведува забрана за работа на угостителските објекти, кафулињата, ноќните клубови и слично од полноќ до 7 часот наутро, а на собирите и манифестациите се дозволени најмногу 50 лица. Исти вакви мерки веќе се воведени во 12 други делови на Грција. (МИА)

Загреб – Во Хрватска четврти ден едноподруго беше соборен рекордот на новозаразени лица. Потврдени се нови 306 случаи, а активни во моментов се 2.052 лица. Во Сплитско-далматинската жупанија, како и штабовите на повеќе општини и градови се воведуваат неопходни епидемиолошки мерки во траење од 14 дека. („Индекс“)


Бисер балкански

Смоквин лист

– Претседателот на Србија и на Српската напредна партија Александар Вучиќ фингира дека нашата земја е како другите европски држави, затоа што постои повеќепартиско Собрание. Бојкотот на опозицијата го симна тој смоквин лист. Опозицијата во Собранието ја нема и јасно е дека живееме во хибриден режим. Ваквиот парламент е неодржлив и очекувано е со претседателските да бидат распишани и нови парламентарни избори. Режимот на Вучиќ ќе падне, кога опозицијата ќе биде подготвена за поголеми жртви за да дојде до власт, од тоа што е подготвен тој да жртвува за да остане на власт – рече Бојан Пајтиќ, некогашен претседател на Демократската партија и професор на Правниот факултет во Нови Сад.