Американскиот претседател Џозеф Бајден и новиот германски канцелар Олаф Шолц ќе разговараат за ситуацијата во Украина на средбата на 7 февруари во Вашингтон, соопшти денеска Белата куќа.
Се наведува дека Бајден и Шолц ќе разговараат и за соработка во борбата против пандемијата на Ковид-19, климатските промени и економските и безбедносните прашања, пренесува АП.
Состанокот доаѓа во време кога НАТО изразува зголемена загриженост поради акумулацијата на околу 100.000 руски војници во близина на Украина, што може да значи дека Москва планира да изврши инвазија на својот сосед, додека Русија ги негира таквите намери.
Одбивањето на Германија да им се придружи на Соединетите Американски Држави и другите членки на НАТО во обезбедувањето оружје за Украина ги налути некои сојузници и покрена прашања за решеноста на Берлин да се спротивстави на Русија, наведува АП.
Белата куќа ја најави посетата на Шолц еден ден откако САД и пишаа на Русија за да ги отфрлат нејзините главни барања за решавање на долготрајната криза околу Украина, а Кремљ денеска соопшти дека отфрлањето на САД остава „малку простор за оптимизам“.
Средбата со Бајден ќе биде прва посета на Шолц на Овалната соба откако тој го презеде раководството на својата земја во декември, пренесува АП.