Фото: Принтскрин

Вашингтон минатата година со загриженост го проследи кинеското тестирање на хиперсонично оружје со технологија која се чинеше дека САД не ја поседуваат. Згора, се сметаше дека токму таа технологија може да исфрли од употреба американските ракетни системи, пишува „Форин полиси“.

Тоа претставуваше грубо будење за американското разузнавање и Министерство за одбрана. Началникот на Здружениот штаб на американската армија Марк Мајли кажа дека таквата ситуација е многу блиску до т.н. „момент на Спутник“ (што се однесува на советското лансирање на првиот сателит во 1957 година – н.з.) за нова ера во глобалната трка во вооружување. САД оттогаш се обидуваат да фатат чекор со Кинезите.

Сега, функционерите во американското министерство за одбрана можат да здивнат, откако Пентагон завчера соопшти дека извршил успешно тестирање на ракета со компоненти за хиперсонично оружје, при што беше планиран уште еден тест. Ваквите тестирања се важен чекор во развојот програмите за хиперсонично оружје на американската армија во обидот да фати чекор со Кина.

Американската армија и морнарица работат на развојот на програми за хиперсонично оружје, додека нов проблем претставува потенцијалот за одвраќање. Но, кинеските тестирања на хиперсонички ракети се загрижувачки за Вашингтон поради комбинацијата на неколку различни технологии. Токму затоа, развојот на нова технологија за хиперсонични ракети е главен приоритет за Пентагон, по кинеските тестирања и употребата на хиперсонични ракети од страна на Русија во војната во Украина.

Пентагон бара 4,7 милијарди долари за истражување на хиперсонични оружја во буџетот за идната година, што е зголемување од 3,8-те милијарди за годинава.