Додека употребата на автомобили се предвидува да опадне во Северна Америка и во Европа до 2050 година, како резултат на употребата на јавниот транспорт, Азија е континентот каде што се очекува ова превозно средство да стане поприсутно. Во следните три децении, азиската употреба на автомобили во патувањата се предвидува да се искачи на повеќе од 40 отсто.
Според извештајот „Градови во 21 век: урбана трансформација на регионот Азија – Пацифик“ на списанието „МИТ текнолоџи ривју“, веќе споменатиот регион е дом на некои од најсофистицираните системи за јавен транспорт во светот, но поради огромните разлики во развојниот статус на различни земји и на руралните наспроти урбаните средини, моторизацијата би можела драстично да се зголеми со напредокот на континентот. Извештајот заклучува дека со спроведување далекосежни одржливи политики, уделот на автомобилски патувања во Азија, исто така, може да се ограничи на 16-19 отсто до 2050 година. Авторите на извештајот веруваат дека подеднакво драстично намалување на автомобилските патувања може да се оствари во Африка, Европа и во Латинска Америка, додека намалувањето на употребата на автомобили на навистина пониско ниво се сметаше за потешко во Северна Америка и на Блискиот Исток.