Шкотската премиерка Никола Старџен ја предупреди Владата во Лондон дека изборниот успех на нејзината партија ѝ дава јасен мандат за одржување нов референдум за независност и оти не може да ја задржи Шкотска во Обединетото Кралство против волјата на земјата

Шкотската премиерка Никола Старџен го предупреди британскиот колега Борис Џонсон дека не може да ја задржи Шкотска во Обединетото Кралство против волјата на земјата. Старџен порача дека изборниот успех на нејзината Шкотска национална партија (СНП), која освои 49 од 59-те места во шкотскиот парламент, ѝ дава јасен мандат за одржување нов референдум за независност. Претходно, двајцата лидери разговараа телефонски, при што Џонсон го повтори ставот на Владата во Лондон, дека нема да дозволат втор референдум за осамостојување. Премиерот Мајкл Гоув истакна дека треба да се почитуваат резултатите од 2014 година, кога мнозинството шкотски гласачи се изјаснија против независноста на Шкотска, пренесува Би-би-си.

– Ако тој си мисли дека со тоа што кажа „не“ е крајот на дискусијата, тогаш тој греши. Не можете да ја држите Шкотска против нејзината волја. Доколку Обединетото Кралство продолжи да постои тоа може да биде само со согласност. И доколку Борис Џонсон е уверен во однос на обединувањето тогаш тој треба да биде доволно уверен за да го направи тоа и да им дозволи на луѓето да одлучат – истакна шкотската премиерка.

Таа најави дека нејзината администрација во текот на неделава ќе ги отвори правните процедури за распишување референдум за независност.
– Тој не може да ја замајува нацијата да го прифати неговиот поглед на светот, кога е јасно дека ние не го сакаме тој поглед на светот. Не може да биде појасно од резултатите на овие избори, дека Шкотска не ја сака владата на Борис Џонсон, не сака да ја напушти Европската Унија и сака да одлучи за својата иднина, каква и да е – додаде Старџен.

Шкотската влада бара договор за референдум со британските министри, сличен на оној од 2014 година, за да се осигури дека исходот ќе биде легален и легитимен, но се соочува со голем отпор од Владата во Лондон. Старџен изјави дека е целосно недемократски Џонсон да отфрла референдум, откако неговата партија беше убедливо поразена во Шкотска на минатонеделните избори, губејќи седум од 13-те парламентарни места, а главната порака на кампањата беше противењето на независноста.

– Ризикот за конзервативците е тоа што повеќе се обидуваат да ја блокираат волјата на шкотскиот народ, што повеќе презир покажуваат кон шкотската демократија, толку повеќе ќе ја зголемат поддршката за шкотската независност. Моментот и мандатот се на страната од оние од нас што сметаме дека Шкотска треба да биде независна, но исто и на страната на оние што сакаат Шкотска самата да може да си ја избере својата иднина – додаде шефицата на шкотската влада.

Конзервативната партија на Џонсон оствари убедлива победа на ниво на Обединетото Кралство, освојувајќи големо мнозинство во парламентот. Предвремените избори од минатиот четврток се сметаа за референдумско изјаснување за брегзит, а одличните резултати му дадоа одврзани раце на британскиот премиер конечно да го оствари своето изборно ветување дека Британија ќе ја напушти ЕУ. Сепак, како што и се очекуваше, ваквите резултати значат и почеток на голема уставна битка околу иднината на Шкотска, која се противи на брегзит. Токму на референдумот за брегзит во 2016 година, мнозинството шкотски гласачи се изјаснија против излегувањето на Британија од ЕУ.


Корбин се извини за поразот и најави оставка

Лидерот на британските лабуристи Џереми Корбин им се извини на приврзаниците поради големиот неуспех на неговата партија на изборите. Корбин го призна изборниот пораз и ја прифати својата одговорност за најлошиот резултат на Лабуристичката партија по 1935 година. Како можни кандидати за лидерската позиција кај лабуристите се споменуваат имињата на Лиса Ненди и Џес Филипс.


Гоув: Приоритет на Владата е брегзит до 31 јануари

Главен приоритет на владата на британскиот премиер Борис Џонсон е земјата да ја напушти Европската Унија до 31 јануари наредната година, порача британскиот министер Мајкл Гоув. Во изјава за телевизијата Скај, Гоув истакна дека парламентот за кратко време ќе има можност да гласа за повлекување од ЕУ. Конзервативците на Џонсон имаат големо парламентарно мнозинство, поради што се очекува лесно да помине неговиот договор за брегзит.