Француските трупи беа пречекани со воодушевување од локалното население во 2013 година

Французите беа сметани за ослободители во Мали по крвавиот државен удар кој ја остави нивната поранешна колонија во несигурна положба. Но ситуацијата сега се смени и Мали сака нивните некогашни ослободители да заминат, пишуваат светските медиуми.

Несреќата во која се судрија два француски хеликоптери претставува една од најголемите загуби на животи во француската војска во изминатите три децении. Несреќата во која загинаа 13 војници за време на антитерористичка акција во Мали, фрли светло врз непријатната ситуација во која се наоѓа Франција, откако нејзината мисија во африканската држава е во распаѓање.

Жена остава цвеќе под портретите на војниците настрадани во хеликоптерската несреќа

Кога Франција интервенираше во 2013 година за да ги спречи сојузничките сили на сепаратистите и радикалните исламисти да напредуваат од југот на државата кон главниот град, нејзините трупи беа пречекани со воодушевување од локалното население. Рестораните и баровите тогаш поставуваа француски знамиња, кои сега, пак, горат на улиците на Мали.

На неодамнешните протести незадоволните граѓани скандираа „Оди си Франција. Веќе не те сакаме тука“. 

Франција има илјадници војници во Мали, а насилството од ал каеда и од Исламската држава е во подем и се шири, поради што локалното население е незадоволно. 

Салиф Кеита, еден од најпопуларните музичари во Мали, објави видео на неговата фејсбук-страница барајќи од претседателот Бубакар Кеита „да престане да се повинува на малиот Емануел Макрон, кој е само дете“. Кеита ја обвини Франција и за финансирање на непријателите на Мали – насилните џихадисти.

Бубакар Кеита (лево) и Емануел Макрон

Француското воено присуство во Западна Африка кое се одржува и 60 години откако нејзините некогашни колонии стекнаа независност, предизвикува сомнеж и незадоволство.

Францускиот претседател Макрон ја гледа борбата на Африка против тероризмот како клучна за безбедноста на Европа. Џихадистите кои имаат сопствени утврдувања во регионот, ја користат Африка како појдовна точка за нивните напади, чија цел честопати се луѓето од Западот. Макрон ги повика сојузниците од ЕУ да се вклучат поактивно во спречување на тероризмот во Африка, и покрај тоа што и на домашната политичка сцена наидува на повици за повлекување од Црниот континент. Франција троши 690 милиони евра годишно на операцијата „Баркане“ за справување со терористите во африканскиот регион Сахел, кој се граничи со пустината Сахара.