Доналд Трамп денеска стана првиот американски претседател кој во текот на мандатот присуствувал на Маршот за живот, нарекувајќи се себеси лојален поддржувач на движењето.

– Неродените деца никогаш немале посилен заштитник во Белата куќа“, рече Трамп во говорот одбележан со многу верски референци, кој го одржа во центарот на Вашингтон. Секое дете е непроценлив и свет дар од Бога – изјави Трамп.

Маршот за живот се одржува од 70-тите години на минатиот век, но ниту еден претседател не учествувал на него сè додека Трамп не дојде на функцијата.

Прашањето за абортусот е меѓу оние кои внесуваат најголем раздор во американското општество. Правото на абортус е заштитено со одлука на Врховниот суд од 1973 година, со која се легализира прекинувањето на бременоста.

Конзервативците во САД и покрај оваа одлука се обидуваат да ги ограничат абортусите на ниво на сојузните држави и преку намалување на федералното финансирање на клиниките.

Вклучувањето на Трамп во овој марш доаѓа во година кога во САД ќе се одржуваат претседателски избори на кои тој ќе се бори за втор мандат и во време кога американскиот Сенат расправа за негово отповикување.

– Сакаат да ме отстранат затоа што јас се борам за вас и ние се бориме за оние кои немаат глас, но ќе победиме затоа што знаеме како да го сториме тоа – изјави тој во обраќањето пред присутните на маршот.