Доналд Трамп го загуби претседателството додека беше на еден од неговите голф терени. По нешто повеќе од пет часа откако беше објавена победата на Бајден од страна на големите телевизиски мрежи, и откако Трамп се врати во Белата куќа, тој на Твитер напиша „јас победив на изборите“, повторувајќи ги бесмислените тврдења за измама, пишува магазинот „Тајм“.

Трамп потоа објави дека добил речиси 71 милион гласови,  без да спомне дека Бајден добил безмалку 75 милиони. Пребројувањето на гласови уште трае, па може допрва да се очекува надлежните лица да ги потврдат конечните резултати.

Вчерашното соопштение од кампањата на Трамп сугрерира дека нивната борба ќе продолжи. „Факт е дека овие избори се далеку од завршени“ се вели во изјавата припишана на Трамп. Во неа се додава дека од утре, „кампањата на Трамп ќе продолжи да дејствува во поглед на изнесувањето на нејзиниот случај пред судот, за да се осигури дека изборните закони се целосно испочитувани и оти е избран вистинскиот победник“.

Во текот на неделата на изборите, кампањата на Трамп поднесе десетина тужби во клучните сојузни држави, но изборните експерти за „Тајм“ истакнаа дека ниту една од нив нема да го смени исходот на изборите. Соработниците на Трамп во Белата куќа се подготвуваат за повеќедневни правни предизвици.

– Спроведете ги сите судски оспорувања, сите пробројувања за да се добие консензус на крајот на процесот, за сите да бидат сигурни дека едниот загубил, а другиот победил, и за да знаеме дека треба да продолжиме понатаму – вели претставник на Белата куќа.

Друг поранешен вработен во Белата куќа изјавил дека Трамп е нерасположен, како и оти смета дека „тие ги украле изборите, па сака да ги искористи правните механизми за борба“. Наспроти постојаните тврдења на Трамп, нема докази за измама на изборите, наведува „Тајм“.

Портпарол на Белата куќа не даде одговор дали Трамп разговарал со Бајден и дали планира да го признае поразот. Ако Трамп одбие да го признае поразот, тоа ќе биде историски настан.

 – Нема преседан за поразен кандат на претседателските избори кој одбил да го признае поразот – вели Тимоти Нафтали, професор по историја на универзитетот „Њујорк“, додавајќи дека нема правило кои налага поразениот да го признае поразот, како и дека непризнавањето не го менува исходот, но оти има симболична важност.