Тарек Алаовс пред пет години избегал од војната во својата родна земја Сирија. Тој го поминал Средоземното Море во мал гумен чамец и преку Балканот стигнал до Германија. Во меѓувреме, триесет и едногодишниот Алаовс течно го научил германскиот јазик, нашол стабилна работа, и штотуку започнал со кампања за парламентарните избори што ќе се одржат во септември на кои се кандидира за пратеник во Бундестагот, пренесуваат светски медиуми.

– Се кандидирам за пратеник во Бундестагот како прв бегалец од Сирија. Сакам да бидам гласот на бегалците и на мигрантите во Германија и да се борам за разновидно и фер општество за сите – вели Алаовс, кој лани ѝ се придружил на Партијата на зелените.

Во Сирија, тој учествувал во мирни протести против владата на сирискиот претседател Башар ал Асад, додека студирал право на универзитетот во Алепо и волонтирал во Црвениот крст.

– Во 2015, кога војната во Сирија веќе стана брутална, решив да избегам во место каде што ќе можам да живеам безбедно и достоинствено – изјавил Алаовс.

По доаѓањето во Дортмунд во септември 2015 година, Алаовс се соочил со лошите услови во кои живееле повеќе од милион бегалци кои пристигнале истата година, па одлучил повторно да се активира. Денес работи во невладина организација од Берлин како правен советник на лицата кои бараат азил.

До крајот на 2020 година во Германија живееле 818.460 Сиријци. Повеќето од нив сè уште не поднеле барање за германско државјанство. Алаовс е еден од првите што ги исполнил предусловите за аплицирање за државјанство, за што е убеден дека ќе му биде одобрено пред денот на изборите на 26 септември.

Во Германија вкупно 21,2 милиона жители имаат мигрантско потекло, најмногу од Турција, Балканот и од Полска. Сепак, од 709 пратеници кои влегоа во парламентот по изборите во 2017, само 58 или 8,2 отсто имаат мигрантско потекло.

Тоа е една од поважните причини поради кои Алаовс најде дом кај Зелените, партија која лобира за подобра интеграција на мигрантите, покрај еколошките проблеми, и може да се пофали дека скоро 15 отсто од нејзините пратеници се со мигрантско потекло.