Осомничени руски хакери упаднале во мрежите на Владата на САД, вклучувајќи ги и мрежите на Министерството за финансии и на оддели за трговија. Ова, меѓу другото, го соопшти портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Улиот, кој изјави дека Владата „ги презема сите неопходни чекори за да ги идентификува и поправи сите можни проблеми поврзани со оваа состојба“. Официјални лица запознати со ова прашање рекоа дека хакерите биле насочени кон Министерството за финансии и агенцијата на Одделот за трговија, одговорни за одлучување за политиката за интернет и телекомуникации.
Исто така, постои загриженост дека и мрежите на другите владини агенции може да бидат компромитирани. Ситуацијата била толку сериозна што на 12 декември во Белата куќа се состанал Советот за национална безбедност, објави „Ројтерс“.
– Ова е огромна кампања за сајбер-шпионажа насочена кон американската влада и нејзините интереси – изјави за „Ројтерс“ еден од луѓето запознаени со ова прашање. „Ројтерс“ и „Вашингтон пост“, повикувајќи се на американски официјални лица, соопштија дека во моментов се верува дека хакери на руската влада стојат зад нападот. Можно е операцијата да се одвивала со месеци, соопштија официјалните лица. Откритието се случи откако американската фирма за сајбер-безбедност „Фајер ај“ на 8 декември соопшти дека „земја со врвни офанзивни способности“ се пробила во нејзината мрежа.