Повеќе познавачи на состојбите деновиве во свои текстови ги анализираат предизвиците со кои ќе треба да се соочи новата администрација на претседателот Џо Бајден од следната година во однос на надворешнополитичките релации. Едно од погорчливите прашања на кои ќе треба да се најде одговор е и како ќе изгледаат односите меѓу Пјонгјанг и Вашингтон под раководство на демократите во САД

По промената на администрацијата во САД

На кој начин новата администрација на претседателот Џо Бајден ќе се обиде да го реши проблемот што има дипломатска и безбедносна димензија за светот, а се поврзува со севернокорејскиот властодржец Ким Јонг-ун. Овие дилеми, но и многу дрги што се однесуваат на релациите Пјонгјанг и Вашингтон, деновиве се во фокусот на анализите на светските медиуми, откако новоизбраниот претседателот на САД, Џо Бајден, почна со подготовки за својата инаугурација, закажана на 20 јануари следната година. Имено, американскиот магазин „Нешнл итнтерест“ во свој текст на оваа тема дава интересни претпоставки за идните односи меѓу овие две земји и наведува истовремено неколку стратегии и чекори како би можела да пристапи новата администрација во Вашингтон во релациите со властите на Северна Кореја по делумниот дипломатски успех во минатото на Доналд Трамп со Ким Јонг-ун.

Довербата единствен услов за денуклеаризација на Пјонгјанг

Кен Гаус, директор на Програмата за аналитика на Центарот за национален интерес на Америка, вели дека новите американски власти мора внимателно да работат кон приодите за преговорите за денуклеаризација на Пјонгјанг.
– Вашингтон мора да сфати дека Северна Кореја може да се денуклеаризира единствено ако се преземат доволно паметни чекори за градење меѓусебна доверба на двете страни. Новата администрација во САД на почетоците не треба да наметнува остри и убедливи термини, кои беа застапени на почетоците на преговорите, како што е барањето од Северна Кореја да објави целосен попис на своето нуклеарно оружје и да наведе сеопфатен патоказ за целосната денуклеаризација. Ваквите барања би создале нервоза и одбивност кај Пјонгјанг, што би придонело за нарушување на заемната доверба што сега постои – оценува аналитичарот Гаус.
Според директорот на програмата ЦНА, Бајден во првите денови од својот мандат за овој проблем треба да претпочита флексибилност, каде што од двете страни во иднина би се вклучиле реципрочни мерки за да се изгради меѓусебна доверба пред да биде изнесен сеопфатен патоказ за состојбите.

Ким Јонг-ун да ги препознае сигналите за соработка

Во меѓувреме, Су Ким, поранешна аналитичарка во Централната разузнавачка агенција (ЦИА) и познавачка на случувањата на Корејскиот Полуостров, вели дека целиот процес на воспоставување добри односи со севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун по Трамп ќе оди многу тешко. Сепак, според неа, колку побрзо Пјонгјанг ги препознае политиките на соработка со Вашингтон под Бајден толку подобро ќе се одвива процесот за нормализирање на односите.
– Ким што поскоро мора да признае дека политиката на конфронтација кон Вашингтон ќе ја изолира неговата земја уште повеќе и само ќе ги влоши сегашните економски тешкотии на неговиот режим за време на пандемијата.

Севернокорејскиот лидер може повеќе да добие со трпеливоста кон Вашингтон и барање пријателски односи со Бајден отколку со целосно откажување од Америка и водење политика на конфронтација. Затоа, наместо да ги отфрли гестовите на Бајден што беа пратени како пријателски за време на неговото неодамнешно обраќање пред нацијата, треба го прифати ризикот и да ги возобнови дијалозите на високо ниво – анализира Ким.
На крајот на краиштата, и Пјонгјанг и Вашингтон се должни да ја ценат важноста за развој и одржување добри односи меѓу двете земји, без оглед на промените во претседателската администрација на САД, пишува на истава тема „Волстрит журнал“. Осврнувајќи се на тоа како ќе се одвиваат работите меѓу Ким и Бајден под раководство на демократите во САД, медиумот наведува дека влогот е голем, имајќи предвид дека казната за неуспех може да биде нуклеарна светска криза.