САД денеска и официјално повторно се приклучија кон Парискиот климатски договор. Администрацијата на Бајден најави драстично намалување на емисиите на штетни гасови во следните три децении, пренесува „Ројтерс“.

Американскиот пратеник за климата, Џон Кери, денеска учествува на видео состаноци по повод повторниот влез на САД во Парискиот договор со амбасадорите на Велика Британија и Италија, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и пратеникот на ОН за климатски промени Мајкл Блумберг.

Агенцијата наведува дека научниците и странските дипломати го поздравиле враќањето на САД кон договорот, кое стана официјално денеска, 30 дена откако претседателот Бајден го потпиша указот на првиот ден од неговиот мандат.

„Ројтерс“ известува дека претседателот Бајден ветил оти ќе го отвори патот кон нулта емисија на штетни гасови во САД до 2050 година, што според научниците е цел во согласност со она што е неопходно, нагласувајќи дека глобалните емисии мора да се преполоват до 2030 година, со цел да се спречат разорните ефекти од глобалното затоплување.

Откако скоро 200 земји го потпишаа Парискиот договор во 2015 за да ги спречат катастрофалните климатски промени, Соединетите држави беа единствената земја што отстапи, кога поранешниот претседател Доналд Трамп направи таков чекор, оправдувајќи го со тоа што борбата против климатските промени ја чинела државата премногу.