Околу 5.183 жртви беа регистрирани во првите шест месеци од годинава, што претставува зголемување од 47 проценти во однос на лани, како што открива во својот извештај Мисијата за помош на Обединетите нации во Авганистан (УНАМА). Речиси 2.400 авганистански цивили биле убиени или повредени во мај и јуни, по ескалирањето на борбите меѓу талибанските бунтовници и авганистанските безбедносни сили, што е највисока бројка токму за тие два месеца откако почна да се води евиденција од 2009 година.
Бројките ја покажуваат сериозната состојба за авганистанските цивили, бидејќи интензивните борби почнаа во мај и јуни, откако американскиот претседател Џо Бајден соопшти дека американската војска ќе се повлече до септември, со што ќе му се стави крај на 20-годишното странско воено присуство во државата. УНАМА посочи дека 2021 година ќе биде најсмртоносна за авганистанските цивили досега, освен ако не се преземе итна акција за да се спречи насилството во земјата.