Претседателите на Европскиот совет и Европска комисија Доналд Туск и Жан-Клод Јункер и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини изразија загриженост поради кибер напад врз Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОЗХО).

– ОЗХО е реномирана меѓународна организација. Нападот извршен од руската воена разузнавачка агенција ГРУ има за цел да изрази презир кон ОЗХО, која работи на елиминирање на оружјето во светот со мандат на Обединети нации. Ги осудуваме таквите акции, кои ги потткопуваат меѓународнито поредок и меѓународните институции. ЕУ ќе продолжи да ја зајакнува одржливоста на своите институции и на земјите-членки, како и на меѓународните партнери и организации во областа на технологијата, се посочува во заедничката изјава на Могерини, Туск и Јункер. 

Изјавата уследи откако денеска холандската министерка за одбрана  Анк Бејлевелд изјави дека Воената разузнавачка служба на Холандија спречила руски хакерски напад врз ОЗХО.

Според неа, нападите биле извршени во април од припадници на руската воена разузнавачка агенција (ГРУ) и четворица Руси се протерани од Холандија, за кои постои сомневање дека извршиле хакерски напад врз ОЗХО.

Осомничените за нападот имале дипломатски пасоши.

Русите, наводно, сакале да дојдат до досиеја за истрагата за падот на авионот МХ-17 во Донбас во 2017 година, како и до материјалите за нападот врз рускиот двоен шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија.

– Кибер операција врз ОЗХО е неприфатлива. Со откривањето на руското дејствување испраќаме јасна порака: Русија мора да биде запрена, посочи Бејлевелд.

По обелоденувањето на информациите за руски напад врз ОЗХО, како и доказите дека Русија поседува забранети нуклеарни ракети, НАТО и САД денеска ја заострија реториката кон Москва.

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис од Брисел порача дека САД ќе разгледаат како да одговорат на руските напади и прекршувања на меѓународните договори, но одби да открие повеќе детали.

– Сегашната ситуација со Русија станува неиздржлива и за ова долго разговаравме со нашите сојузници, порача Матис, кој во Брисел учествува на дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО,

На земјите членки на Алијансата денеска им биле презентирани докази за руски обид за напад врз ОЗХО, кој успеале да го спречат разузнавачки служби на Холандија и Велика Британија.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Матис изнесените доказите ги оквалификува како „кредибилни и убедливи“. 

– Не зборувам за воени операции и уште помалку за ситуација во развој. Русите беа фатени со опрема и со луѓе кои го сторија делото, изјавби Матис, одговоарајќи на прашање за кибернападот врз ОЗХО.  – Русите ќе треба да одговараат за ова, а како ние ќе одговориме е политика одлука на инволвираните нации, одговорот нема нужно да биде „кибе родговор“. Имаме цела низа одговори на располагање, додаде Матис.

Тој нагласи дека Западот се уште се обидува да ја врати Русија на патот на почитување на Повелбите, но дека ваквото однесување на Москва веќе предолго трае.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг најави дека поради зголемениот ризик од кибер напади, земјите членки на НАТО на состанокот одлучиле значително да ги зајакнат своите капацитети и координација во оваа област.

– Информатичките напади од сега ќе се сметаат за еднавки на кој било  друг вид на напад, копнен, воздушен или морски и ќе биде основа за активирање на членот пет од Повелбата на Алијансата, кој обврзуна солидарност во случај на надворешен напад врз која било земја членка, најави шефот на Алијансата.

Тој одби да одговори како и дали НАТО ќе возврати.

– Би било погрешно да шпекулирам и да се создава непотребна неизвесност, рече Столтенберг. 

Русија ги отфрли обвинувањата оценувајќи ги како „фантазии“.