Обновливите извори на енергија што стапија во употреба во 2020 година, поттикнати од соларните фотоволтаици, ги снижија нивните трошоци за производство на струја многу повеќе од најевтиниот ресурс од фосилните горива. Според Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА), трошоците за производство на стрија од ваков тип енергија продолжија да се намалуваат во 2020 година.
Во периодот од 2010 до 2020 година беше забележано драматично подобрување на конкурентноста на технологиите за соларна и ветерна енергија. Анализата на ИРЕНА покажува дека до 800 гигавати од постојните капацитети на јаглен би можеле економски да се заменат со нови капацитети со обновливи извори на енергија што на системот за електрична енергија би му заштедиле до 32 милијарди долари годишно и би се намалиле емисиите на јаглерод диоксид дури до три гигатони. Обновливите извори на енергија би можеле да обезбедат 20 отсто од потребното намалување на емисиите до 2030 година, за да се постигне договорената цел за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степен Целзиусов според Парискиот климатски договор. Евтините обновливи енергии можат да обезбедат декарбонизација на светското снабдување со електрична енергија, при што би ги замениле јагленот и нафтата како дел од енергетската иднина.