Претседателката на Тајван, Цаи Ин-Вен, месецов ќе помине четири дена во САД, при посетата на карибиските дипломатски сојузници, изјави нејзината влада денеска. Одлуката ја разгневи Кина, која побара од Вашингтон да не ја дозволи посетата.

Кина тврди дека самостоен Тајван е само кинеска провинција без право на односи со другите држави, нарекувајќи го прашањето најосетливото и најважното во односите со САД, кои немаат формални врски со Тајпеј, но се главен дипломатски поддржувач и снабдувач на оружје.

Заменик-министерот за надворешни работи на Тајван, Мигел Цао, изјави дека Цаи Ин-Вен ќе помине две ноќи во САД за време на нејзиното патување до Сент Винсент и Гренадини, Сент Лусија, Сент Китс и Невис и Хаити од 11 до 22 јули.

Деталите за делот од патувањето во САД сѐ уште се разработуваат, додаде тој.

– Кина ги повика САД да не дозволат Цаи Ин-Вен да транзитира и внимателно и соодветно да се справи со прашањата поврзани со Тајван, за да не ги повредува кинеско-американските односи и мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец – рече портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Генг Шуанг.

Тајван се обидува да ги зацврсти своите дипломатски врски и покрај притисокот од Кина, особено на Карибите и Латинска Америка. Четворицата Карибски сојузници имаат слични идеали со Тајван, истакна Цао, додавајќи дека темата на посетата е „слободата, демократијата и одржливото владеење“.