Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган e прв клиент кој денеска направи преднарачка на турскиот електричен автомобил на свечена церемонија за промоција на прототипот на тоа возило во градот Гебзе, пишува весникот „Хуриет“.

– Денеска сме сведоци на реализација на 60-годишниот турски сон. Нашиот сон беше да имаме автомобил направен со домашна технологија, кој ќе го разгласи нашето име низ светот. Баравме храбри луѓе да го сторат тоа и сега ги имаме – рече Ердоган.

Тој додаде дека фабриката ќе биде изградена на земјиште со површина од милион квадратни метри, кое припаѓа на турската армија во Бурса и истакна дека Турција ќе спречи каков било обид да се стопира или забави производството на автомобилот.
– Тие успеаја да го спречат производството на ‘Деврим’, но овој автомобил нема да може да го саботираат – кажа Ердоган.

Турција за првпат се обиде да произведе свој автомобил во 1961 година, под називот „Деврим“ (револуција), но неговото производство никогаш не ја надмина фазата на прототип.

Ердоган исто така рече дека бил првиот човек што направил нарачка за новиот турски автомобил, по што седна зад воланот на едно од двете возила кои беа претставени денеска.

Предвидено е целосно електричниот автомобил да има две конфигурации на моторот: 200 коњски сили или 400 коњски сили. Производствените капацитети се очекува да бидат завршени во 2021, а првиот автомобил ќе биде направен во 2022 година.

Автомобилот ќе има опсег до 500 километри и литиум-јонска батерија од домашно производство, која според извештаите на медиумите, ќе може да се наполни до 80 проценти за помалку од 30 минути.