Францускиот претседател смета дека австралискиот премиер водел тајни преговори

Францускиот претседател Емануел Макрон го обвини австралискиот премиер Скот Морисон дека го лажел додека тајно преговарал за договор за снабдување на подморници со САД и Велика Британија.

На прашањето на новинарите дали мисли дека Морисон го лаже, Макрон одговори потврдно, велејќи „не мислам, туку знам“.

Минатиот месец Австралија го раскина договорот за купување на француски подморници, вредни неколку милијарди долари и одлучи да купи американски. Канбера ја донесе таа одлука поради влегувањето во безбедносен сојуз со Велика Британија и САД (АУКУС) во индо-пацифичкиот регион.

Формирањето на тој сојуз ја налути Франција, која ги отповика амбасадорите од САД и Австралија.

Макрон и Морисон во четвртокот разговараа за првпат откако Австралија го раскина договорот со Франција. Двајцата викендов беа во Рим, на самитот на Групата 20 најголеми економии во светот.

Претседателот на Франција го оцени самитот на Г20 како успешен, особено за прашањето за климатските промени, и покрај многуте поделби меѓу земјите.