Маченикот на нашето време и гласниот молк на медиумите

За храброста, значењето на делото и судбината на Џулиан Асанж сум пишувала повеќепати. Попусто! Исто како и некои многу повлијателни и поумни луѓе од мене, како Даниел Елсберг, Едвард Сноуден, Џереми Корбин, Џол Пилџер, Роберт Фиск, Тарик Али, Јанис Варуфакис… Во пресрет на новото продолжение на судската фарса во Лондон, потпишав уште една глобална петиција на група извонредни луѓе, меѓу кои и нобеловци и врвни имиња (како Ричард Фалк, на пример) – и сето тоа прави да се чувствувам полошо, а не подобро. Небаре си ја смирив совеста и си го продолжив животот, додека еден човек е систематски и намерно убиван пред очите на светот, кој гледа со очи ширум затворени. Ги следев деновиве новинските извештаи од самото место, пред Вишиот суд во Лондон, со помешани чувства на гадење и длабока депресија: новинари на мејнстрим-медиуми известуваат за еден човек што им одржа лекција што е истражувачко новинарство и како се жртвува сопствениот живот заради Вистината и против Моќта, против оние што се извршители на масовни злосторства против човечноста, а се над законот и моралот. Ќе си направат медиумски извештај, ќе го резимираат кратко спорот, ќе кажат што рекле жалителот (САД) и одбраната (на Асанж), ќе интервјуираат неколкумина од упорните демонстранти со големи пароли – и толку!

Во пресрет на почетокот на жалбената постапка пред судот, беше организиран т.б. Белмаршки трибунал слично на Раселовиот. Првпат се расплакав додека го слушав Сноуден, вклучен онлајн од Русија, каде што е азилант. Зборуваше толку разумно, толку човечно, толку болно и искрено, а притоа воопшто и да не направи алузија на сопствената судбина (која, барем засега, е многу поблага кон него отколку онаа на Асанж и Челси Менинг). Вториот пат се расплакав додека го слушав извештајот за првиот ден на судската постапка преку твитовите и подоцна зборовите на еден извонреден и храбар млад новинар, Роберт Медхурст. Ја опишуваше кратката сцена на онлајн вклучување на Асанж од затворската просторија, изгледот на еден уништен човек, со нарушено здравје, за кого имаме докази дека ЦИА имала планови и за атентат врз него додека беше во Амбасадата на Еквадор, а кој сега секојдневно бледнее во најстрого чуваниот затвор на Велика Британија, во самица, небаре светски непријател број 1. Подоцна разбравме дека онлајн појавувањето (кое траело исклучително кратко) било резултат на одбивањето на судот тој лично да се појави во судницата во која се одлучува буквално за живот и смрт, иако тој го барал тоа. Британија, земјата со која ги поврзуваме симболите на модерната демократија, конституционализмот, владеењето на правото, судската правда и процедура – во таа Британија на обвинетиот не му се дозволува присуство на неговото судење, а на одбраната пристап до сите доказни материјали. Настрана што и „крунскиот сведок“ потврди јавно дека лажно сведочел… Настрана и тоа што еден голем човек (со големо Ч) од упадот во неговата интима за целиот престој во еквадорската амбасада до начинот на кој како стока го изнесоа насила (повторно, со упад на територијата на Еквадор – затоа што претседателот им беше уценет), па до ова најпонижувачко деградирање и сведување на ментално болен човек, што е сламка за спас на еден живот – вреден за живеење и паметење… Или, како што тоа убаво го кажа Даниел Арчибуги, професор на Лондонскиот универзитет: „Отсекогаш сум бил шокиран да видам како одделни одлуки се носат од поединци (судии, полициски офицери, амбасадори и сл.), не само во САД туку и во Шведска, Обединетото Кралство, Австралија, Еквадор. Се разбира, знаеме дека зад сцената се врши силен дипломатски притисок од американските власти, но тоа не ги ослободува од личната одговорност. Ќе ни треба перото на еден нов Емил Зола да напише ново „Обвинувам!“ (J’Accuse), во кое сите овие ситни плашливци што се веднат пред естаблишментот и неговата моќ соодветно ќе ги разоткрие.“

Некој можеби ќе се праша зошто, пак, мене толку би ме вознемирувала судбината на Асанж?! Затоа што камбаните (одамна, веќе десетина години) бијат за сите нас. Ако Империјата е толку упорна да го замолчи засекогаш овој човек, чие единствено „зло“ е што ги разоткри (со дипломатски дописи и видеоматеријали) воените злосторства од Авганистан и Ирак, тогаш секој од нас што ја говори Вистината (па тамам и небото да се урне) е проколнат, истребен, угнетен. По Асанж, кој друг ќе се осмели да се саможртвува? Веќе не е доволно да те исклучат од јавниот дискурс или омаловажат како нерелевантен, сега треба и физички да те уништат. Си плачам и над правничката диплома (иако никогаш не сум сакала да градам кариера во правосудството): малку ми е циркусот дома, каде што црното е бело и белото е црно, туку сега и земјите кон кои божем се стремиме и биле „шампиони на слободата и демократијата“ не само што бомбардираат неказнето туку и ги судат оние што ќе го обелоденат тоа со факти. Горчината е поголема кога размислувам и како некој што со години предава на мировните студии: за каков тоа мир зборуваме кога сме соучесници токму во Авганистан и Ирак (а сега како НАТО, и каде и да треба)?
Нобеловиот комитет повторно се посрамоти на јавна сцена, доделувајќи им ја годинешната награда за мир на двајца новинари што, демек, гинеле за слободата на медиумите: едната е Филипинка, а другиот (погодете!) – Русин.

Според познатиот шведски мировен активист и писател Фредрик Станг Хефермехл, автор на книгата „Слава или срам“ (Fame or Shame), во која ги анализира носителите на Нобеловите награди досега, вели дека е ова најсрамната. Според него, Комитетот тврдоглаво опонира на оригиналната идеја на Нобел за промовирање на идејата за демилитаризиран светски поредок. Асанж, „свиркачот“ што откри какви злодела прави милитаризмот, е само последната капка во веќе преполната чаша. Ако веќе ја изврти идејата за наградата за мир доделувајќи ја за слободата на печатот, тогаш единствен вистински заслужен новинар беше и е Џулијан Асанж. Ако ги погледнете биографијата и тренингот што го добила Филипинката, нештата ќе ви станат многу појасни (CNN), а геополитиката има објаснување и за многу други нешта околу изборот на добитниците. Всушност, самата награда е инструмент на геополитика и на пропаганда, а не на вистинска посветеност на мирот, ненасилството и разоружувањето.
Се најдов во интересна ситуација кога под фејсбук-профилот на Нобеловиот комитет, веднаш по објавата на наградата (значи, далеку пред ова продолжение на судскиот процес), не издржав да не го искоментирам тоа: ако некој новинар заслужи Нобелова награда за мир и го задолжи човештвото, тоа е Асанж. Но тогаш ми се нафрлија еден куп луѓе, главно Филипинци, со напади дека „Нобеловите награди не се резервирани за Западњаците“, дека тие се (национално) горди на нивната добитничка, дека таа исто така ризикувала и се борела на демократија (заборавија да ги спомнат корупциските афери и процеси, се разбира – а јас не се ни обидов да ги спомнам).

Она што беше крајно вознемирувачко беше тоа што на Асанж не гледаа како на човек, уште помалку како на некој што се жртвувал за Вистината на глобално ниво и во полза токму на „незападњаците“, а националистичка еуфорија ги замати погледите на луѓето. Траорно, поразувачко, депримирачко! Но тоа е она што го прави глобалната пропаганда на мејнстрим-медиумите, која допира во сите краишта на светот. Еве, така и ние овде во оваа периферија, не оти се вознемируваме што медиумите ни ги водат и финансираат од странски амбасади, што немаме истражувачко новинарство, кое би ги отворило прашањата што се непријатни за нашите „западни сојузници“ (за нив сè најдобро, сега и во вечни времиња).
Не можам, а да не се прашам дали вредеше делото на Асанж, за оние цивилни жртви, кои веќе се одамна заборавени и од бога и од луѓето. Дали вредеше сега да го третираат како ментално нестабилен човек за да спаси гол живот? Дали ќе чекаме да поминат децении за да носиме банери и маици со ликот на овој човек? И најмногу им се чудам на верниците: како е можно да не го видат модерниот Исус? Како е можно јас да го гледам, а тие не? Дали вреди животот да се води од идеали и по цена на лична саможртва? Не знам, но за Асанж е веќе доцна. Доцна е и за таквите како мене, наивни и идеалисти, да се менуваат. Се разбира, не ни претендирам дека сум сторила нешто големо за човештвото, но се надевам дека сум жртвувала доста од мојот живот, време, здравје за она што го сакам овде, а Вистината и правичноста се, секако, дел од таа ѕвезда водилка.