Најмалку 55 лица се повредени денеска кога патнички воз излета од шините јужно од египетскиот главен град Каиро, соопшти Државната железница на Египет.

Претходно, египетското Министерството за здравство информира дека при инцидентот биле повредени 34 лица, како и дека на местото на несреќата биле упатени 25 амбулантни возила.

Несреќата се случила крај железничка станица во близина на археолошкиот локалитет Гиза, кога од шините излетале три вагони од воз што патувал кон јужната покраина Кена.

Причините за несреќата засега не се познати. 

Според официјални податоци, лани во Египет се случиче 1.793 железнички инциденти, најчесто поради застарената инфраструктура и не придржување кон сообраќајните и безбедносните правила. 

При судир на патнички и товарен воз во Египет во март годинава загинаа 12 лица., а при колизија на два патнички воза лани во август близу Александрија животите ги загубија 43 луѓе.