Можеби тајмингот беше случаен, но Шинѕо Абе (65) поднесе оставка поради здравствени проблеми, во истата недела во која стана јапонски премиер со најдолго време поминато на функцијата, пренесува „Форин полиси“.

Наспроти опаѓањето на поддршката, успорувањето на економијата и скандалот поради продажба на земјиште во Осака пред четири години, Абе управуваше со јапонската политика откако се врати на премиерската функција во 2012 година (претходно беше премиер од септември 2006 до септември 2007 година). Извесно е дека неговата оставка го привлече вниманието на светските сили.

– Тој беше лојален сојузник на САД речиси една деценија. Губејќи го тоа партнерство во време кога геополитичкото натпреварување помеѓу САД и Кина се вжестува, претставува повод за загриженост во Вашингтон. Кој ќе го наследи Абе, односно дали Јапонија ќе се врати во политичка парализа или нестабилност и дали следниот лидер ќе заземе толку енергична надворешна и одбранбена политика како неговиот претходник, се клучните прашања со кои се соочува, не само Јапонија, туку и нејзините сојузници и ривали – се вели во анализата на угледниот американски магазин.

Во трите последователни мандати и безмалку осумте години на чело на јапонската политика, Абе ги продлабочи врските на Јапонија со Индија и со Австралија, но и со други држави од Југоисточна Азија. Од друга страна се смета дека Кина со особен интерес ја следи ситуацијата во Јапонија по заминувањето на Абе од функцијата.

– Сите политики на Абе го земаа предвид подемот на Кина, која беше најголем економски партнер на Јапонија, но и најочигледен ривал за јапонските национални интереси. Пекинг, пак, особено го загрижуваше воената модернизација на Јапонија под воство на Абе. Токму затоа, јасно е дека Кина ќе го дочека со олеснување заминувањето на Абе од функцијата, како и со надеж дека неговиот наследник нема да ја поседува неговата енергија, ниту визија за експанзивната јапонска улога во Индо-Пацификот – се наведува во написот.

Главно прашање за Јапонија претставува кој ќе биде наследник на Абе и како тој ќе постапи со неговата тековна политика. Абе беше најпопуларниот политичар во Јапонија и никој не поседува такво ниво на авторитет, и покрај проблемите со кои тој неодамна се соочи.

 – И Пекинг и Пјонгјанг ќе навиваат за тип на безличен наследник какви што беа некои од претходниците на Абе, а особено некој што нема да има близок однос со американскиот претседател. А Американците кои се навикнати на владејачката стабилност во Јапонија, можеби ги очекува непријатно изненадување. Помина речиси една деценија откако Вашингтон имаше грижи за посветеноста на јапонскиот лидер кон нивното сојузништво и за можноста за одржување на парламентарно мнозинство. Можеби нема да помине долго време пред Јапонија, како и сојузниците во странство, да почнат да жалат за ерата на Абе во Јапонија – заклучува „Форин полиси“.