По повод 20-годишнината од терористичките напади на 11 септември 2001 година, Русија соопшти дека е подготвена повторно да соработува со САД во борбата против тероризмот.

Рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов изјави дека Русија тагува заедно со САД и дека Москва е подготвена да го продолжи дијалогот предводен од министрите за надворешни работи на двете сили во 2018 и 2019 година за борба против тероризмот.

– Мораме да ги оставиме настрана сите спорови и да работиме заедно за човештвото. Руската страна е подготвена да ги започне тие преговори. Тоа е нашиот природен приоритет – напиша Антонов на Фејсбук страницата на руската амбасада, и покрај комплицираните билатерални односи меѓу двете земји.

Тој изрази благодарност до САД за размената на информации што овозможила спречување на терористички напади во Санкт Петербург во 2017 и 2019 година.