Стравувањата од „направата за предизвикување халуцинации“ го насочија вниманието на Велика Британија кон руската фрегата чие поминување низ Англискиот Канал, по застанувањето на шкотското крајбрежје, беше будно следено од тамошните медиуми, како и од страна на британски воен брод, пренесува „Раша тудеј“.

Претходно, британски „Тајмс“ пишуваше дека фрегатата, опремена со оружје што предизвикува мачнина кај непријателите, споровела вежби за „воздушна одбрана и контрашпионажа“ во близина на единствената шкотска воздушна база. Бродот на британската кралска морнарица „Дефендер“ бил испратен да го следи движењето на руските бродови кои биле упатени кон Средоземното Море.

„Адмирал Горшков“ и трите помошни пловила успешно поминале низ Каналот, според руската морнарица. Станува збор за првиот долгорочен ангажман на новиот воен брод, кој беше пуштен во употреба од руската морнарица во јули минатата година.

„Раша тудеј“ ги обвинува британските медиуи оти ја искористиле ситуацијата да известуваат за „стравот од Русите“, односно од мистериозното руско оружје.

– Тајновитото оружје предизвикува зашеметеност, мачнина и дезориентираност меѓу непријателските војници – сугерирал англискиот весник, пишувајќи за оружјето „Филин 5П-42“.

Британската кралска морнарица се обидела да ги отстрани стравувањата соопштувајќи дека руските бродови застанале кај шкотското крајбрежје за да се засолни од невреме. Тие го продолжиле нивното патување откако временските услови се подобриле.

Се верува дека несмртоносната направа е поставена на руската фрегата, иако засега нема официјална потврда.