Трансплантацијата на матични клетки од донор отпорен на ХИВ доведе до ремисија на вирусот, но истражувачите сметаат дека е рано да се каже дали пациентот е целосно излекуван од ХИВ, како и дека тоа е економски неисплатлива опција, која засега е ограничена на оние пациенти што имаат потреба за трансплантација од други причини

По неодамна извршената трансплантација на матични клетки кај пациентот од Англија, кој бил заразен од ХИВ, при што вирусот наводно исчезнал од неговиот организам, се наметна прашањето за достапноста и ефикасноста на овој метод на лекување, генерално, за заболената популацијата во светот, а со тоа и во Македонија.
Имено, кај Англичанецот бил дијагностициран ХИВ уште во 2003 година, а девет години подоцна тој заболел од Хоџкинов лимфом. За третирање на оваа болест било потребно да му се изврши трансплантација на матични клетки, кои, пак, биле добиени од донор отпорен на ХИВ, што довело до ремисија на вирусот и лимфомот. Сепак, истражувачите сметаат дека е рано да се каже дали пациентот е целосно излекуван од ХИВ. Овој начин на лекување, според нив, не е практичен за многумина што се заразени од ХИВ, но би можело да помогне во пронаоѓање на лекот. Англичанецот е втор пациент, лекуван на ваков начин. Пред десет години во Берлин на првиот пациент, исто така, му беше трансплантирана коскена срцевина од донор природно имун на ХИВ. Според невладината организација „ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување“, Македонија, а и светот, во моментов се далеку од ваквото лекување.

– Научниците сметаат дека трансплантацијата на матични клетки е економски неисплатлива опција за третман на ХИВ и сега за сега е ограничена на оние пациенти што имаат потреба за трансплантација од други причини, не само од ХИВ. Но во денешно време, во земјава смртноста од ХИВ е драстично намалена, особено откако од 2005 година наваму е достапна и бесплатна т.н. антиретровирусна терапија за сите лица што живеат со ХИВ кај нас. Слично како и кај другите хронични заболувања, лицата што живеат со ХИВ потребно е само секојдневно да земаат терапија и може да живеат долго и квалитетно колку и сите други – велат оттаму.

Од невладината организација посочуваат дека повеќе истражувања докажуваат дека по три до шест месеци од редовното примање на антиретровирусната терапија, нивото на вирусот во крвта станува недетектибилно т.е. не може да се открие со крвна анализа, а со тоа и не постои можност да се пренесе на друго лице.

– Оттука, самата терапија станува превенција за ширење на вирусот, а лицата што живеат со ХИВ не можат да го пренесат вирусот, дури и да практикуваат секс без кондом, а може да планираат родителство – информираат од ХЕРА.

Според информациите со кои располагаат тие, денес во Македонија со ХИВ живеат околу 400 лица, од кои 45 заразени со ХИВ се откриени минатата година.

– Околу 45 проценти од нив не го знаат својот ХИВ-статус, односно не се свесни дека се со ХИВ. Колку повеќе од лицата што живеат со ХИВ се свесни за тоа, толку повеќе ќе примаат терапија, а кога тие редовно ќе примаат терапија, нема да бидат преносители на вирусот. Поради тоа е особено важно луѓето да се тестираат за ХИВ – објаснуваат оттаму.