Париз – Партијата на францускиот претседател Емануел Макрон го загуби мнозинството во парламентот, откако ја напуштија седум пратеници. Заедно со неколку други бивши поддржувачи на претседателот, тие формираа нова партија, Екологија, демократија, солидарност, која, како што најавија, ќе се фокусира на зелените прашања и на социјалната нееднаквост. По нивната одлука, партијата на Макрон остана со 288 пратеници, еден помалку отколку што е потребно за мнозинство во Долниот дом, каде што има 577 места. Сепак, партијата на Макрон има поддршка од двајца политички сојузници, кои заедно имаат 56 места во парламентот.

Лондон – Емисиите на јаглерод диоксид драматично се намалија откако се воведоа карантински мерки во светот поради корона-кризата, објави „Гардијан“. Дневните емисии на стакленички гасови паднаа за 17 отсто до почетокот на април во однос на нивото на 2019-та, според едно опсежно истражување. Податоците покажуваат дека светот го доживеа најострото намалување на јаглерод диоксид досега откако почнаа да се прават такви мерења.

Кембриџ – Универзитетот „Кембриџ“ објави дека нема да држи непосредна настава и во текот на наредната академска година поради коронавирусот. Предавањата ќе им бидат достапни на студентите онлајн, а часови во помали групи ќе бидат можни само ако се почитува физичкото дистанцирање. Универзитетскиот кампус е затворен за оваа учебна година, а сите предавања и испити уште од март се спроведуваат преку интернет. Сепак, иако наставата ќе продолжи да биде онлајн, студентите ќе плаќаат полна школарина.

Ленсинг – Во округот Мидленд во американската сојузна држава Мичиген е прогласена вонредна состојба поради пукање на две брани и поради закана од големи поплави. Браните Еденвил и Сенфорд пукнале поради обилни врнежи во изминатите неколку дена, поради што е наредена евакуација на околу 10.000 жители. Според властите, во наредните 12 до 15 часа, централните делови на Мидленд може да бидат поплавени од големо количество вода.