Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, се огласи на Твитер и рече дека четири лица загинале, а 14 се повредени во терористичкиот напад во Виена. Тој го карактеризираше нападот како терористички.

Курц им порача на граѓаните дека овој напад во Виена не е и не може да се сфати како војна помеѓу христијаните и муслиманите, или Австријците и мигрантите, туку меѓу  оние кои сакаат мир и оние кои сакаат војна.

Тој исто така рече дека денес напладне, со едноминутно молчење, ќе им се оддаде почест на сите жртви на терористичкиот напад во Виена и дека војската ќе остане на улиците на Виена, со цел да се зачува имотот, додека полицијата е ангажирана во потрагата и идентификување на сите одговорни за вчерашниот напад.

– Нема да нè исплашат терористите, ќе го зачуваме нашиот начин на живеење и демократија со сè што ќе располагаме. Ќе ги бараме и ќе ги најдеме сторителите, нивните помагачи и нивните истомисленици и ќе ги изведеме пред лицето на правдата. Ние ќе го гониме секој што има врска со ова – напиша Курц.

„Ова беше напад од омраза, омраза кон нашите вредности, нашиот начин на живот, нашата демократија, во која сите луѓе ги имаат истите права“, додаде тој на Твитер.