Белоруските државни медиуми известуваат дека една од водечките фигури на опозицијата, Марија Колесникова, е задржана на границата со Украина, рано утринава. Таквата информација уследи откако очевидци вчера пријавија дека маскирани лица ја внеле Колесникова насила во минибус. Колесникова е една од трите жени кои ги здружија силите за да му се спротистават на белорускиот претседател Александар Лукашенко на изборите одржани минатиот месец, пренесува Би-би-си.

По нејзиното исчезнување се појавија контрадикторни информации за тоа каде се наоѓа Колесникова. Властите уште не потврдиле што се случило со неа и ситуацијата на граничниот премин останува нејасна. Претставник на граничните служби кажал дека Колесникова била задржана на границата со Украина додека двајца други припадници на опозицијата, Антон Родненков и Иван Кравцов ја преминале границата. Според извештајот на службеникот, тројцата биле во автомобил „бмв“ кој нагло забрзал на граничниот премин, по што Колесникова се нашла надвор од возилото. Граничниот службеник тврди дека таа била исфрлена од автомобилот кој продолжил по патот за Украина и дека Колесникова сега се наоѓа во притвор. Украинските власти потврдија дека двајцата мажи стигнале на нејзина територија.  Украинската агенција „Интерфакс“ извести дека пасошот на Колесникова бил „искинат“ на границата за да и биде оневозможен влез во Украина, повикувајќи се на „информирани извори“.

Вчера, очевидци тврдеа дека виделе маскирани мажи како ја грабнуваат Колесникова на улица во централна Белорусија, по што насила ја внеле во минибус. Претставниците на опозицијата потоа кажаа дека не знаат каде се наоѓа Колесникова, додавајќи дека исчезнале и Родненков и Кравцов. Министерството за внатрешни работи на Белорусија исто така соопшти дека нема информации за нивно приведување.

 Колесникова беше менаџерка на кампањата на претседателскиот кандидат Виктор Бабарико пред неговото апсење во јуни, по што одлучи да соработува заедно со Вероника Цепкало и Светлана Тихановскаја, која се кандидираше против Лукашенко. Тихановскаја моментно се наоѓа во Литванија, а Цепкало замина во Полска заедно со нејзиниот сопруг и со децата. Уште една активистка на опозицијата, Олга Ковалкова, во саботата објави дека избегала во Полска поради заканите за приведување.

– Јас сум единствената од трите која уште е тука. За да разберете што навистина се случува, морате да бидете тука – кажа Колесникова за руското издание на Би-би-си во интервју минатиот месец.