Американскиот претседател Доналд Трамп одобрил напад врз Иран поради соборување на американското беспилотно летало, но по неколку часа тој се повлекол и го откажал нападот, објави „Њујорк тајмс”.

Повикувајќи се на изјава на официјален претставник, весникот пишува дека авионите биле во воздух, а бродовите биле на позиции, кога пристигнала наредбата за повлекување од нападот.

Како што наведува неименувано официјално лице запознато со ситуацијата, американскиот претседател првично одобрил неколку воздушни напади врз радарите и ракетните системи. Воздушните напади требало да се спроведат изутринава, со цел ризикот за населението да биде најнизок.

Нападот на САД би бил одговор на соборувањето на набљудувачкиот дрон вреден 130 милиони долари. Засега не е јасно дали нападот врз Иран, на крајот, сепак ќе биде извршен.