Европската агенција за борба против измами откри големи мрежи со злоупотреба на европските фондови

Европските фондови наменети за животна средини и одржливост сè повеќе стануваат цел на измамници во Европа. Веста се прошири откако блокот планираше да ослободи една илјада милијарди евра во зелени инвестиции во блиска иднина, како што пренесува „Еуроњуз“. Во последниот извештај што беше објавен минатиот четврток, Европската агенција за борба против измами (ОЛАФ) истакна дека извршила 181 истрага во 2019 година, отворила 223 нови сондажи и го препорачала пакетот за обнова вреден 485 милиони евра од европскиот буџет, соопшти „Еуроњуз“.
Во рамките на истрагите беа откриени прекугранични шеми со кои била опфатена хуманитарна помош, како и европските фондови за животна средина, земјоделство и регионален развој. Генералниот директор на агенцијата, Виле Итала, исто така нагласи дека бил „забележан засилен тренд на акумулирање средства преку измами во изминатите неколку години, што вклучувало пари од европски фондови за проекти за заштита на животната средина и одржливост“. Тој додаде дека „успехот на ОЛАФ е од клучно значење за Европа, затоа што вниманието на измамниците се свртило кон буџетот планиран од 2021 до 2027 година, притоа вреден 1,8 илјада милијарди евра, чија намера е да помогне во обновата на Европа од последиците на пандемијата на ковид-19“.

Како што пренесува „Еуроњуз“, истрагите на ОЛАФ што имаа елемент на животната средина или одржливост вклучуваа случаи што ја разгледуваа злоупотребата на европските фондови наменети за зелени продукти, а исто така и фалсификување и шверцување продукти што може да им наштетат на животната средина и на општото здравје. На пример, Агенцијата за борба против измами помага во борбата против незаконската трговија на ретки европски јагули што се шверцуваат во Азија, каде што се одгледуваат и потоа се препродаваат за големи суми.
Незаконските активности во однос на шумите исто така се предмет на интерес на агенцијата, особено незаконската сеча на дрва и шверцувањето висококвалитетно дрво за огрев и за градежен материјал од Мјанмар во ЕУ, како и обвинувања за увоз на крајни производи од дрво од заштитени шумски подрачја во Украина. Истрагите се исто така во тек за незаконско истоварање на биодизел од светскиот пазар во ЕУ.
Европската комисија го стави предложениот нов зелен договор како приоритет во буџетот предвиден од 2021 до 2028 година за економијата да биде поодржлива, за да стане првиот регион во светот со неутрални емисии на јаглерод до 2050 година. За да го финансира зелениот договор, ЕУ планира да мобилизира една илјада милијарди евра во јавни и приватни инвестиции, како што истакнува „Еуроњуз“.

Друг главен тренд што го препозна ОЛАФ во текот на годината беа измамниците што го користеа процесот за набавки и тендери за да добијат пристап до европските фондови од незаконски причини. Еден од овие случаи опфаќал „добро позната невладина организација“ вклучена во поддршка на европските хуманитарни напори во Сирија. Невладината организација добила 19 милиони евра од европските фондови во текот на четири години преку четири одделни грантови, но ОЛАФ открил докази за корупција од страна на двајца поранешни членови што извеле „софистицирана измама“ за да пренасочат пари во своите џебови и во оние на нивните соработници. Агенцијата порача да се надоместат 1,5 милион евра, но двете лица остануваат на слобода.
Исто така било откриено дека три полски компании го измамиле европскиот фонд за храна, земјоделство и рурален развој преку фалсификување и наведување двојно повисоки суми во фактурите и манипулирање со тендерските процедури.

ОЛАФ препорача да се вратат над 1,1 милион евра во европското финансирање.
Четири други случаи, овој пат поврзани со Европскиот фонд за регионален развој, открија дека неколку компании во текстилната индустрија заговарале за да го поткопаат процесот за набавки и тендери. ОЛАФ издаде финансиски препораки вредни 3,3 милиони евра и судски препораки за шест поединци и пет правни ентитети.