Според пишувањата на европските медиуми, Унијата со буџет од 8 милијарди евра планира да финансира свои мисии и операции во трети партнерски земји низ целиот свет, каде што преку помош во инфраструктура и воена опрема, со оружје на регионални или меѓународни организации, ќе ги засилува колективната безбедност и својата надворешна политика

Стариот Континент со нова безбедносна стратегија

Европската Унија (ЕУ), со посредство на Франција и на Германија, го усвои буџетот висок осум милијарди евра како дел од Европскиот мировен фонд (ЕПФ), со кој на блокот ќе му се овозможи да испорача воена помош во партнерските држави, но и да финансира свои воени мисии во странски држави. Ова меѓу другото го пишува европскиот магазин „Еуроактив“, кој информира дека ЕУ сака со фондот да им помогне на партнерските земји, така што ќе ги поддржи нивните мировни операции и ќе го „зајакне капацитетот на нивните вооружени сили за чување на мирот и безбедноста на нивната територија“. Според договорот, Унијата ќе ги искористи парите за да финансира свои мисии и операции во рамките на нејзините политики за заедничка безбедност и одбрана (ЦСДП), како и да обезбеди инфраструктура и воена опрема со оружје и муниција по барање на трети земји, регионални или меѓународни организации.

Спротивставени ставови

Португалскиот министер за надворешни работи, Аугусто Сантош Силва, изрази поддршка за европскиот мировен фонд и смета дека ќе биде голема поддршка за партнерските земји во справувањето со заедничките безбедносни предизвици.
– Со усвојувањето на овој нов инструмент, ЕУ сака да „го прошири својот геополитички опсег преку придонесувањето во финансирањето воени операции за поддршка на мирот и мерки за помош на нејзините партнери во светот. Исто така, ова е прв механизам што ѝ дава простор на Унијата да испраќа воена опрема насекаде во светот – изјави европратеникот Дејвид Мекалистер, кој наедно претседава со комитетот за надворешни прашања во Европскиот парламент.
Сепак, експертската јавност жестоко го критикуваше проектот, а некои невладини организации ги нагласија ризиците што испораката на оружје и опрема од страна на ЕУ може да заврши кај авторитарни влади во Блискиот Исток, кои ќе ги користат за да го задушат внатрешниот револт.

Геополитичките интереси на ЕУ различни од тие на граѓаните

Во дискусиите што се актуелни деновиве за поистакнатата воена улога на ЕУ во светот многу се споменува одбраната на интересите на блокот. Но некои луѓе се прашуваат дали геополитичките интереси на ЕУ и нејзините граѓани се иста работа.
– Ако сакате да го одбраните мировниот проект, ако сакате да го одбраните светскиот мир, фокусот не треба да биде кон создавање поголеми системи за оружје, туку кон создавање повеќе договори за разоружување – рече Озлем Демирел, германска европратеничка и потпретседателка на поткомитетот за безбедност и одбрана.
Таа додаде дека ЕУ е во пандемија, а овие пари ѝ требаат за здравствени проекти, а не за оружје.
Френк Слипер, истражувач на индустријата за оружје од холандската невладина организација „Пак“, смета дека ЕПФ ќе потпише воени договори во конфликти што не им требаат и веројатно само ќе ги влошат состојбите. Тој вели дека ЕУ ќе извезува оружје „кај оние што скоро по дефиниција ќе бидат кревки постконфликтни држави со значителни проблеми со човековите права“.
Тој смета дека Европската Унија се оддалечува од таа првична идеја за мировен проект и дека овие инструменти, мировниот објект и фондот за одбрана се многу јасни примери за тоа.
Сепак, во Брисел ваквите ставови се сметаат за индивидуално мислење.
– Понекогаш ви требаат воени средства за да постигнете мир. На геополитичката Европа ѝ требаат ресурси за да може да има влијание – рече Хилде Ваутманс, европратеничка од Белгија, која нагласи дека ја поддржува позицијата на менување на политиките на ЕУ, а токму ова е пример за таква промена.