Мадрид испрати патролна војска во Сеута по границата со Мароко, откако околу 8.000 мигранти ја прескокнаа граничната ограда или со пливање влегоа на територијата на северноафриканската енклава, а шпанскиот премиер Педро Санчез го нарече ова сериозна криза за Шпанија и за Европа. Ненадејниот наплив на мигранти настана откако Мароко ги олесни граничните контроли за време на продлабочениот дипломатски спор со Шпанија околу спорната територија на Западна Сахара. Сеута, која има население од 80.000 жители, се наоѓа на северниот крај на Мароко наспроти Гибралтар. Заедно со другата шпанска енклава Мелила, таа многу години е силен магнет за африканските мигранти, кои сакаат да си обезбедат подобар живот во Европа. Од друга страна, Мароко полага права на двете енклави, како што пренесува „Ројтерс“.
Шпанскиот министер за внатрешни работи, Фернандо Гранде-Марласка, соопшти дека им биле испратени 200 шпански војници и дополнителни 200 полицајци како помош на 1.100 гранични сили во Сеута, се вели во извештајот на „Би-би-си“.