Дали да ја сакаш својата татковина значи да се поддржува војната? Да се молчи кога се кршат човековите права и се жртвуваат десетици човечки животи?

Додека седам и го пишувам ставот за тензиите на фронтот во Нагорно-Карабах, сфаќам дека да се пишува, не од гледна точка на новинар, или аналитичар и некој кој има искуство со вакви конфликти, туку од гледна точка на цивил, е навистина тешко, чувствително и болно, пишува во нејзината колумна Арзу Гејбулајева во нејзината колумна за онлајн весникот „ОБЦТ“.

– Кога ќе помислам на Карабах, помислувам на времето пред војната, време кога се раскажуваа убави приказни од страна на жителите и од туристите. Време кога заедницата живееше сложно, а националноста не нѐ дефинираше. Нѐ дефинираа нашите човечки вредности. Родена сум неколку години пред да започне конфликтот, но израснав со војната. Ние сме генерација на војната, генерација што израсна врз приказни за пријателства кои ги слушнавме од нашите родители, наспроти приказните за очај, загуби и страдања на безброј раселени семејства и бегалци – пишува Гејбулајева.

Арзу Гејбулајева

Нејзината генерација изразнала со воена реторика, гнев, фрустрација и само едно вечно прашање – кога војната конечно ќе заврши? Со децении, жителите на обете земји гледале како војната се користи за политички цели.

– Жителите на Азербејџан се внатрешно раселени и деградирани, принудени да живеат во услови што беа и остануваат далеку од хумани. Да им се овозможи подобар живот, значи да се одземе асот во ракавот на политичките лидери, злоупотребуван од истите тие лидери кои стануваа сè покорумпирани со секоја измината година додека се на власт. Тие ветуваа, но никогаш не реализираа ништо. Карабах стана изговор во рацете на лидерите, кои постојано велеа дека без донесено решение, Азербејџан не може да биде критикуван за недостатокот на демократски вредности, поради тоа што голем број политички затвореници и понатаму остануваат и во затворите, или пак, да биде критикуван за кршење на човековите права.

Тие ја користат секоја прилика да ги замолчат неистомилслениците, односно секој кому му е доста од војната е обвинуван и посррамотен за ставање на демократијата, слободата на медиумите и почитувањето на човековите права на прво место. Засрамете се, бидејќи не сте вистински патриоти, туку сакате војна и ништо друго освен војна – пишува таа. 

Од почетокот на конфликтот, додека читала, зборувала или пак, пренесувала вести за судирите, Гејбулајева гледа сè помалку и помалку сонувачи, а сè повеќе воинствени граѓани кои аплаудираат со ентузијазам за секое парче земја што владата на Азербејџан тврди дека го освоила.

– Постојано се објавуваат текстови за погреби и за загинати војници. Се прашувам. како ова може да биде причина за ентузијазам? Луѓе чиј живот нагло завршил, затоа што некој одлучи овие луѓе да бидат жртвувани за татковината. Дали вреди тоа да биде прославувано? Затоа, прашувам, која е таа татковина? Онаа каде сиромашните стануваат сè посиромашни, а богатите се преслепи за да можат да видат подалеку од нивните дизајнерски очила за сонце и скапи автомобили? Татковина во која човечкиот живот е лесно потрошлив материјал? Каде луѓето се гордеат со вредностите што ги убиваат или злоупотребуваат жените, а недостатокот на квалитетно образование и изгледите за пристоен живот ги принудува младите да се отселат? Татковина во која вашата љубов се мери според бројот на пцовки и клетви упатени кон непријателот?

Јас велам – доволно е! Уште колку човечки животи мора да бидат жртвувани? Според некои, онолку колку што се потребни, но според мене – ниеден повеќе!

Бидејќи, ако властите сакаа да ја заштитат татковината, ќе го стореа тоа одамна, не преку жртвување на човечки животи, туку дипломатија и преговори. Наместо тоа, имаме политичари кои се позагрижени за своите фотелји и его. Ова не е патриотизам, ниту љубов кон татковината. Ова е играње со животот на оние кои немаат право на избор.

Јас сум дел од генерација на војната. И јас, исто така, ја плаќам цената за тоа. Моето прашање е, уште колку генерации ќе биде потребно да го платат истото? – завршува  Гејбулајева.