Одбраната на адвокатскиот тим на поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, потфрли уште првиот ден од вториот импичмент. Излагањата на неговите врвни адвокати беа, во најмала рака, неимпресивни, претставени како збир од некохерентно дрдорење, збунувачки барања и пораки, пренесува „Гардијан“.

Двајца членови на адвокатскиот тим на Трамп, Брус Кастор и Дејвид Шоен, вчера се обидоа да го убедат Сенатот да го отфрли судењето по уставна основа. Говорот на Кастор предизвикаа многубројни критики и немаше никаков фокус. Неколку републикански сенатори изјавија дека воопшто не го разбрале изведувањето и аргументите на адвокатите.

Кастор ја отвори својата презентација нарекувајќи ги сенаторите патриоти и споменувајќи дека тој сè уште се губи во Вашингтон. Неговиот говор вклучуваше  криптички и збунувачки изјави, а тој зборуваше 20 минути пред воопшто и да го спомне упадот во Сенатот кој се случи 6 јануари. Згора, не успеа директно да се осврне на постапките на претседателот тој ден, ниту да се спротивстави на уставноста на судењето за импичмент.

– Кривично дело си е кривично дело, прекршок е прекршок. Трамп ја напушти Овалната канцеларија, така што, одете и апсете го. Министерството за правда знае што да прави со такви луѓе. Јас досега не сум видел никаква активност во таа насока – кажа Кастор во неговиот збунувачки говор.

Кастор ги заврши своите воведни коментари со смелата, но чудна порака, во која побара одделот за правда да го уапси Трамп доколку се точни наводите на судењето за импичмент.

– Тимот на Трамп заврши ужасна работа и беше неорганизиран. Тие зборуваа за сè што можеа, освен за предметното прашање – изјави сенаторот од Луизијана, Бил Касиди, кој гласаше со демократите за продолжување на судењето.

Касиди не беше единствениот републиканец кој не беше задоволен од тимот на одбраната на Трамп.

– Во животот сум чул излагања и аргументи од голем број адвокати. Излагањето на Кастор не беше едно од најсјајните – изјави сенаторот Џон Корнин.

Дури и самиот Трамп не е задоволен од неговите главни адвокати. „Политико“ пренесе дека блиски извори до поранешниот претседател откриваат оти неговата фрустрација постојано растела со одвивањето на настаните.

Отворањето на Кастор беше изведба што остави многумина збунети, а некои новинари го споредуваат адвокатот со студент кој не го знае материјалот пред да оди на предавање, додека други се шегуваа дека Кастор ќе биде отпуштен со само еден твит да имаше Трамп пристап до неговиот профил на Твитер.