Во Нов Јужен Велс, југоисточна Австралија, е прогласена седумдневна вонредна состојба бидејќи избувнаа повеќе од 100 пожари поради рекорднo високи температури.

Околу 2.000 пожарникари се борат со пожарите, од кои половината се ставени под контрола со поддршка на американски и канадски екипи и членови на австралиските одбранбени сили.

Последен пат беше прогласена вонредна состојба во Нов Јужен Велс кон средината на ноември, потсетува „АП“.

Во пожарите досега загинаа пет лица, изгореа повеќе од 680 куќи и речиси 1,2 милион хектари шума и друга вегетација.

Австралија вчера забележа нов рекорд со просечна максимална температура од 40,9 Целзиусови степени.

Температурите во Австралија се очекува да опаѓаат по Божиќ.

Поради топлотниот бран што ја зафати Австралија, предизвикувајќи пожари, лекарите го предупредуваат населението да се заштити од топлината што е можно повеќе.