Милијардерот Аркадиј Ротенберг, близок до претседателот Владимир Путин, денеска изјави дека тој е сопственикот на палатата на Црното Море за која затворениот опозициски лидер Алексеј Навални тврди дека ја користел рускиот претседател.

– Пред неколку години, успеав да постигнам договор со доверителите и станав корисник на таа зграда – тврди Аркадиј Ротенберг во соопштение кое го пренесе неговата канцеларија за печат. Тој додава дека има намера зградата да ја претвори во хотел.

– Сè е направено професионално и се надевам дека ќе го завршиме хотелот за неколку години – вели бизнисменот, кој бил поранешен партнер на Путин за џудо.

Путин ги негираше обвинувањата, за кои тврди дека имаат за цел „перење на мозокот“ на Русите и нивно поттикнување на протести.

Руската државна телевизија објави снимки од зградата на кои се гледа дека и натаму траат работите и дека е далеку од луксузот што го опишува Навални, што пак го наведуваат како доказ за неговите манипулации.

Сојузниците на опозицискиот лидер тврдат дека работата на резиденцијата е во тек поради градежни пропусти и дека Владимир Путин е нејзиниот вистински корисник.