Политичко-безбедносни предизвици на Стариот Континент

Официјален Лондон формира оперативна единица на британските специјални сили, која ќе има околу 600 војници и ќе биде наменета за брзо распоредување и војување на територијата на Европа.
Ова, меѓу другото, го пишува британскиот магазин „Мирор“, кој наведува дека иако засега не се откриваат информации кои се потребите од ваков вид британски сили на земјата, сепак медиумот, повикувајќи се на разузнавачки информации, наведува дека единицата ќе биде наменета за безбедносни цели на Истокот во Европа, односно за воена помош на Украина, но и балтичките земји, вклучувајќи ја и Полска.
Според информациите во медиумите, единицата е составена од најелитните специјални британски сили познати како САС, медицински лица, инженери и околу 400 падобранци од 16-та бригада. Во таа насока, минатата недела шефот на американскиот Стејт департмент, Ентони Блинкен, се сретна и со својот украински колега Дмитриј Кулеб, каде што во разговорите беше спомната и западна воена помош на Украина доколку Москва се обиде да ги повтори чекорите од 2014 година.
Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин сите изјави и извештаите за наводна паника и за групирањето на руските единици по должината на границата со Украина ги нарече лажни и непотребно алармантни.
Инаку, во последните неколку недели западните медиуми изразуваат „загриженост“ за движењето на руските војници во близината на украинските граници, додека руското министерство за надворешни работи истакна дека најавите за потенцијален конфликт меѓу Москва и Киев се само фикција.