Бионичките војници досега беа поим од научната фантастика, но наскоро би можело да се појават на боиштата низ светот. Франција, САД, Кина и Русија се меѓу првите светски велесили што работат на војници што нема да чувствуваат умор и болка

Војници што имаат напредна технологија во себе со која не чувствуваат болка и имаат натчовечки физички способности и микрочипови, наскоро би можеле да станат дел од редовните воени сили на повеќе светски сили. Една од државите што последна даде зелено светло за развој на такви технолошки и биотехнички можности на својата армија е Франција. Имено, француската армија неодамна одобри развој на бионички војници отпорни на болка и стрес и надарени со дополнителна мозочна сила благодарение на имплантите со микрочип, пишува лондонски „Тајмс“, истакнувајќи дека одобрението стигнало од Етичкиот одбор на Министерството за вооружени сили, кој наведе дека Франција мора да биде во чекор со земјите што веќе работат на развој на супервојници.

Војници што не чувствуваат болка и умор?

Одборот изнесе детали од одделни истражувања што вклучуваат апчиња за долгорочна будност на војниците и за подобрување на слухот, како и студии за импланти што ослободуваат смирувачки супстанции или „го подобруваат мозочниот капацитет“. Се проучуваа и лекови што им овозможуваат на војниците полесно да поднесуваат болка или би ја подобриле нивната ментална отпорност доколку некој војник биде заробен. Во тек е и истражување за импланти што ѝ овозможуваат на командата од далечина да ги чита психофизичките параметри на војниците или да ги лоцира на бојното поле. Други импланти можат да им помогнат на војниците да разликуваат пријател од непријател, се вели во извештајот на воениот етички одбор. Понатаму документот на француската армија забележува дека мора да има заштитни мерки за да се запре какво било подобрување што им ја одзема „човечноста“ на војниците, а „Тајмс“ посочува дека е спомнат и хипотетички случај на војник чија рака била заменета со протеза направена да биде и огнено оружје, и кој сега не може да ја напушти армијата. Француската министерка за одбрана, Флоренс Парли, посочи дека не очекува бионичките војници да станат француска реалност во блиска иднина, но додаде дека е потребно да се создадат предуслови за употреба на таквата технологија и биотехнологија во француската армија.

САД, Русија и Кина со свој „терминатор во униформа“

Во меѓувреме, армиите на Соединетите Американски Држави, Русија и на Кина со години работат на различните можности за создавање супервојници или популарно наречени „терминатори во униформа“. Пекинг има намера да доминира во Америка и остатокот од планетата економски, воено и технолошки. Многу кинески иницијативи и компании се само еден слој на камуфлажа во активностите на Комунистичката партија на Кина. Разузнавањето покажа дека Кина дури ги тестира и припадниците на Народноослободителната армија за да создаде војници со биолошки подобрени способности. Нема етички граници кога станува збор за борбата за моќ на Кина, напиша Џон Ратклиф, директор на Националната разузнавачка служба на САД, во авторски текст во „Волстрит журнал“.
Паралелно на ова, повеќе светски медиуми пишуваат дека САД официјално не работат на промена на гените кај припадниците на армијата, но се обидуваат на секој начин да создадат супервојници што ги имале во стрипот за капетанот Америка од Втората светска војна. Пентагон инвестира милиони, па дури и милијарди долари во развој на разни технологии што би ја зголемиле борбената способност на нивните трупи – Агенцијата за истражување на воени технологии (ДАРПА) работи на развој на егзоскелети, роботски додатоци, системи за телепатија, „имунизација на болка“, наведува Си-ен-би-си. Во исто време, порталот „Смалварс журнал ком“ наведува дека дури и во времето на Советскиот Сојуз, Црвената армија работела на развој на супервојници.
– Тврдењата дека експериментите биле спроведени од 1936 до 1941 година се контроверзни. Советските научници хируршки вметнаа златни електроди во мозокот на илјадници доброволци, контролирајќи ги центрите за болка. Потоа, беа тестирани импланти на титаниум, кои наводно заштитувале делови од телото од мини и куршуми – наведува „Смалварс журнал ком“. Руска „Правда“ пишува дека повеќето од нив биле неуспешни, но дека денес има слични истражувања во Русија.

Генетска мутација и вештачки импланти

Инаку, досега ниту една земја не признава дека се занимава со генетска мутација со луѓе, но технологијата за тоа веќе постои и тешко дека не ќе биде барем разгледана, пишува магазинот „Атлантик“. Според американскиот медиум, Кина и Америка веќе одгледуваат генетски модифицирани кучиња што се посилни и побрзи од нивните роднини, па се верува дека имаат намера да го сторат истото и за луѓето. Можни се последици од модификацијата на гените кај луѓето и создавањето нов вид војници, кои сè уште не се доволно испитани. Сепак, интересно е што научниците веќе работат на обновување на органите на војниците што останаа без делови од телото во борбата. Иако процесот е бавен, досега тие успеаја да направат човечки уши и слични помали органи во епрувета, а работат и на развој на синтетичка крв. Благодарение на употребата на роботски техники, научниците досега можеа да ги вратат видот или контролата над рацете на некои војници, притоа контролирајќи им ги и центрите за болка.