Американскиот претседател Џо Бајден во телевизиско интервју го бранеше повлекувањето на американските војници од Авганистан и притоа кажа дека не мисли оти кризата во Авганистан е неуспех, како и дека не постел начин да се делува подобро.

Во интервјуто, како што пренесуваат медиумите, Бајден беше запрашан дали грешка во разузнавањето, планирањето, извршувањето или проценката доведе до сегашната ситуација во Авганистан.

– Мислам дека тоа не беше неуспех. Кога ја имавте владата на Авганистан, лидерот на таа влада се качи во авион, полета и отиде во друга земја. Кога го видовте значителниот колапс на авганистанските војници што ги трениравме, се случи. Тоа само се случи – истакна Бајден.

Тој одговори дека смета дека хаосот во земјата бил неизбежен по заминувањето на американските војници, иако се ветуваше сигурно и уредно повлекување со месеци.

– Една од работите што не ја знаевме беше што ќе направат Талибанците, во смисла да се обидат да ги спречат луѓето да излегуваат. Што прават сега? Тие соработуваат, пуштаат американски државјани надвор, излегуваат американски персонал, лица од амбасади и слично – рече Бајден.