Врховниот лидер на талибанците Хибатул Акунџад бара сите „политички затвореници“ да бидат ослободени од затворите ширум Авганистан, беше објавено на Твитер профилот на талибанците.

Во објавата се наведува дека Акунџад се повикал на општа амнестија кога побарал ослободување на политичките затвореници, пренесува „Си-ен-ен“.

– Сите државни гувернери мора од утре да ги ослободат сите политички затвореници (стари и млади), без никакви ограничувања и услови и да им ги предадат на нивните семејства – се вели во пораката.

Се очекува талибанските борци, кои беа заробени од авганистанските национални безбедносни сили поради бунтовнички активности, да бидат ослободени.

Талибанците веќе ја презедоа контролата врз клучните затвори низ земјата и ослободија илјадници затвореници за време на нивната офанзива.