Две ударни групи американски воени бродови предводени од носачи на авиони „УСС Нимиц“ и „УСС Теодор Рузвелт“ почнаа заеднички вежби во Јужно Кинеско Море, само неколку дена откако воен брод на американската морнарица помина во близината на остров под кинеска контрола, односно во непосредна близина на кинеските територијални води. Кинеските власти веднаш реагираа и порачаа дека ваквите американски потези ги нарушуваат мирот и стабилноста, но Американците очигледно немаат намера да се повлечат од регионот, пренесува АП. Според аналитичарите, Вашингтон по смената на администрацијата испраќа јасна порака до Пекинг дека е силен актер во азиско-пацифичкиот регион, па дури и длабоко во територија во која Кина смета дека има своја сфера на влијание. Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, порача дека ова е класично покажување сила, што не придонесува за регионалниот мир и стабилноста.

– Кина ќе продолжи да ги спроведува мерките за чување на националниот суверенитет и безбедноста, соработувајќи со другите земји за мирот и стабилноста во Јужно Кинеско Море – истакна Венбин.
Во меѓувреме Пентагон соопшти дека Америка традиционално ги прикажуваа ваквите вежби во тој дел од светот, кои немаат никакви цели да ја иритираат Кина туку се операции за обезбедување слобода на навигација. Во исто време Вашингтон ги оспорува територијалните претензии на Пекинг во областа, обвинувајќи го за „милитаризирање“ на Јужно Кинеско Море, со обиди за „заплашување на соседните земји“, кои исто така тврдат дека областа е богата со природни ресурси.