На парламентарните избори во Австралија, на кои гласаат над 16 милиони граѓани со право на глас, денеска се избира осмиот премиер во последните 12 години.

„АП“ наведе дека според анкетите, актуелниот премиер Скот Морисон има еден од најкратките мандати од 29-те претседатели на влади. Тој стапи на функцијата во август минатата година, бидејќи неговиот претходник поднесе оставка.

Жителите на Австралија избираат 40 од вкупно 76-те членови на Сенатот и сите 151 членови во Претставничкиот дом. За сенаторските места се борат 458, а за членови на Долниот дом вкупно 1.056 кандидати. Партијата или коалицијата што ќе освои мнозинство во Претставничкиот дом ќе добие мандат да формира Влада.

Австралија е една од ретките земји во која гласањето е задолжително, па излезноста секогаш е висока. Казната за неизлегување на изборите изнесува 20 австралиски долари (14 американски долари).

Владејачката конзервативна Либерална партија е основана во 1944 година, додека нејзиниот главен противник Лабуристичката партија од левиот центар е основана во 1891 година и е најстарата партија во Австралија.